Воспоставена електронска размена на податоци за пензиско и инвалидско осигурување со Австрија
Фондот на пензиско и инвалидско осигурување потпиша Договор за редовна размена на давања и податоци за смртност со институциите за задолжително австриско пензиско осигурување односно Институцијата за пензиско осигурување (PVA), Службата за социјално осигурување на претприемачи (SVS) и Институцијата за осигурување на вработени во јавни служби, железници и рударска индустрија (BVAEB).
Договорот, како што денеска информира ПИОМ, го потпишале директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов и Винфред Пингера во име на австриските институции.
– Сакам да истакнам дека овој Договор е значаен напредок во нашата соработка и ќе овозможи поефикасна и побрза размена на податоци кои се од голема важност и ќе придонесе да се забрза процесот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување за граѓаните на Македонија и на Австрија, истакнал Мемов.
Според Пингера, потпишувањето на договорот е голем чекор за корисниците и осигурениците.
– Овој чин покажува колку се добри нашите односи, колку е добро нашето заедничко работење. Со него им го олеснуваме остварувањето на правата на нашите осигуреници. Ова е важен чекор и се надевам не последен. Нашата соработка ни покажа дека можеме да работиме заедно, да си веруваме и да ја интензивираме идната соработка. Сакам да ви заблагодарам на вашата помош и придонес во потпишувањето на овој Договор, затоа што е многу важен, иако можеби не се опфатени многу луѓе, но за нив лично тој е и те како важен, нагласил Пингера.
Договорот го регулира обемот и начинот на размена на податоците, како и нивната безбедност и заштита, што се од исклучителна важност за работата на институциите и за довербата во пензискиот систем.
Потпишувањето на овој Договор, како што оценил директорот на Фондот на ПИОМ, е една од клучните активности на Фондот во насока на подобрување на меѓународната соработка, особено преку воведување на електронската размена на податоци со која се зголемува ефикасноста, прецизноста и квалитетот на услугите.
Фондот на ПИОМ досега има потпишано договори за електронска размена на податоци со сите држави што произлегоа од поранешна Југославија.
– Сакам да истакнам дека имаме јасна визија во кој правец треба да се движиме како Фонд и оваа соработка е чекор напред што ќе го подобри квалитетот на услугите, ќе ја зголеми точноста на податоците и ќе помогне да се исклучат сите можни грешки. Очекувам во иднина да ја прошириме размената со институциите од Република Австрија и со други важни информации од интерес на двете страни. Убеден сум дека потпишувањето на овој Договор ќе придонесе во зајакнувањето на соработка и е во најдобар интерес на граѓаните на двете држави, нагласил Мемов.
Во 2024 година, Фондот на ПИОМ исплатил пензии за 182 лица во Австрија во износ од 527,783,41 евра, а во 2025 година се исплатени 242 пензии во износ 653.097,74 евра. Од австриска страна во 2024 година се исплатени вкупно 2018 пензии во износ од 9.172.676,51 евра.