Левица: Три години се крши Законот за субвенциониран студентски оброк
На денешната прес-конференција, генералниот секретар на Црвена Младина, Марија Ванчева, посочи дека ВМРО-ДПМНЕ три години не го почитува законското право на студентите на усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата, со што студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра.
„Доказ за тоа дека ДПМНЕ не се грижи за народот, туку само за своето гласачко тело, е тоа што и оние минимални права кои законски им следуваат на студентите, ДПМНЕ спротивно на закон им ги ускратува. Имено, од студентите противзаконски се скратени околу 6,5 милиони евра!“, истакна Ванчева.
Станува збор за конкретна законска обврска. Законот за субвенциониран студентски оброк предвидува зголемување на износот согласно годишната инфлациска стапка пред донесувањето на Буџетот за наредната година. И покрај тоа што во меѓувреме се донесени три годишни буџети, износот на субвенционираниот студентски оброк останал непроменет.
„Иако поминаа 3 годишни буџети, мизерниот износ за субвенциониран студентски оброк остана ист! Односно, три години властите на секој студент му скратиле 650 денари месечно коишто законски му следувале“, посочи Ванчева.
„Ова е доказ дека во Македонија владее систем на геритократија! Ориентацијата на ДПМНЕ кон нивното гласачко тело ги држат и пензионерите и студентите во заложништво на различен начин“, рече Ванчева.