„Волво“ привремено ги затвори фабриките во Европа и САД
Шведскиот производител на автомобили „Волво“, што е во сопственост на кинеската корпорација „ Гили“, денеска соопшти дека привремено ја прекинува работата во своите европски и американски фабрики за да го ублажи влијанието на пандемијата од коронавирусот .
Со затворањето на фабриките погодени ќе бидат околу 25.000 вработени во Шведска, 6.500 во Белгија и 1.500 во САД, пренесе порталот „ Локал Свиден“.
-Нашата главна грижа е здравјето на вработените и иднината на нашето работење, порача главниот извршен директор Хакен Самјуелсон.
Производството во белгиската фабрика во Гент беше запрена во вторникот, а трите погони во Шведска, како и фабриката во Јужна Каролина ќе бидат затворени на 26 март.
Административниот персонал од 26 март главно ќе работи од дома и тоа со скратено работно време.
Компанијата соопшти дека производството во Белгија ќе биде обновено на 5 април, а во останатите погони на 14 април.