Во Турција едно лице загина, а 12 се повредени во инциденти на денот на локалните избори


Едно лице загина, а 12 се повредени во Турција при инцидент за време на локалните избори во Дијарбекир, град со претежно курдско население, соопшти тамошното Министерство за здравство.

„За време на изборите дојде до судири меѓу две групи при што едно лице загина, а 12 се повредени“, информираат локалните власти.

Во Турција денеска се одржуваат локални избори на кои повеќе од 61,4 милиони гласачи се поканети да изберат функционери во 81 турска провинција, општина и град, вклучувајќи ги и најголемите.Затворени се гласачките места , а се очекува пребројувањето на гласовите да трае до доцна во ноќта.Претседателот на турската Висока изборна комисија (ХЦК) Ахмет Јенер рече дека гласањето поминало без проблеми, но со одредени инциденти.

– Гласањето заврши. Се одвиваше во мирна атмосфера, освен изолирани инциденти. Посакувам брзо закрепнување на повредените во овие инциденти. Процесот на отворање на гласачките кутии и пребројување на гласачките ливчиња започна, рече Јенер.

Во меѓувреме, претседателот Реџеп Тајип Ердоган преку социјалната мрежа Икс ги повика граѓаните „да не ги напуштаат избирачките места додека не се преброи последниот глас и не се финализираат резултатите за да се заштити волјата на народот“.