Во тек се обуки за подобрување на капацитетите на училишните инклузивни тимови


Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, а се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука, од вчера до 26 август организира обуки за наставници и претставници на стручните служби од редовните основни училишта.

Како што информираат од Проектот, главен фокус на овие обуки е подобрување на капацитетите на училишните инклузивни тимови за поефективно вклучување на учениците со попреченост во редовниот наставен процес во согласност со најдобрите национални искуства и најдобрите меѓународни практики.

-Во овој циклус ќе бидат опфатени повеќе од 130 учесници од вкупно 20 училишта од 12 различни општини од државата, а вкупно во рамки на проектот, оваа обука ќе биде организирана за 40 училишта од државата. Поради условите предизвикани од пандемијата со Ковид-19 обуките се одржуваат далечински, а секоја група поминува обука од 20 работни часа во текот на четири работни дена, прецизираат од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.