Во Скадар запалено училиште со изборен материјал
Со наближување на 30 јуни, денот на локалните избори, се зголемуваат тензиите во Албанија.
По барањето на градоначалниците од редовите на опозициската Демократска партија, Општинските изборни комисии да ги ослободат просториите определени за гласање, просториите каде што се сместени комисите и изборниот материјал се под полициско обезбедување.
Во северниот град Скадар по тензичната ситуација во моментот кога членови на ЦИК го доставуваа изборниот материјал во еден објект во општината, синоќа е подметнат пожар во училиште каде што веќе се наоѓал изборниот материјал, кој целосно изгорел, а предизвикана е и материјална штета врз училишната зграда. Дошло до судир меѓу полицијата и граѓани кои ја попречувале интервенцијата на противпожарната единица, за што се приведени најмалку пет лица.
Во градот Тропоја украден е и расфрлен изборен материјал, а избил и судир меѓу полицијата и приврзаници на Демократската партија во Билишта, Бурел, Каваја, како и во Камза каде е повреден полициски службеник.
Координаторката на новата пратеничка група на Демократската партија, Рудина Хајдари, ќерка на еден од основачите на партијата, Азем Хајдари, кој беше застрелан пред партиското седиште во 1998 годна, упати апел за смирување на состојбата, оценувајќи го палењето на училишта како „национална траума и антиалбанско насилство“. Таа соопшти дека едномесечната пратеничка плата одлучила да ја донира за санирање на училиштето во Скадар