Во што ќе поверува народот


ЃОРЃИ СПАСОВ

Кај нас, како земја со мошне ниска политичка култура, секои избори се еден вид продолжување на војната за уништување на другиот, односно на „непријателот“, и се најавува одмазда кога ќе се дојде на власт

 

Позната е една анегдота од периодот по Втората светска војна, според која победникот во таа војна, Винстон Черчил, откако одржал предизборен говор во 1945 година, му пристапила една гопсоѓа и му рекла: „Господине Черчил. Откако го слушнав вашиот говор јас сум убедена дека сите паметни луѓе во земјава ќе гласаат за вас“. „Да. Да.“ –одговорил Черчил. „И јас верувам во тоа. Ама мене ми е потребно мнозинство“. И таа година Черчил ги изгуби изборите од лидерот на лабуристите Клемент Атли. Мнозинството од гласачите преку ноќ заборавија на храброста на Черчил, на жртвите и на победата над Хитлер и гласаа за партијата кој им ветуваше подобро и побрзо справување со последиците од војната, со сиромаштијата и казнување на „воените профитери“.

Така е на сите избори во демократските земји. Во најголем број ќе излезат на гласање оние што имаат мотив некоја од партиите да победи и кои веруваат дека со таа партија на власт ним ќе им биде подобро или на земјата во целина, или пак имаат мотив да казнат некого со своето гласање против или со своето неизлегување на изборите. Оттаму за изборите се говори дека тоа е „битка за умот и срцата на народот“. Умот и рационалното расудување се важни, но уште почесто емоциите и срцето не го слушаат умот, па погрешниот избор многу подоцна станува јасен. А на планот на играњето со емоциите на луѓето и поттикнувањето омраза националистичките и популистичките кампањи имаат предност.

Познато е дека одлуката на граѓаните да излезат на избори или да не излезат, да гласаат за некого или да гласаат против некого, не е секогаш резултат на рационален избор, или што би рекол Христијан Мицкоски „математички прецизно измерено“. Секој човек, како што вели психологијата, има свои базични уверувања, изградени врз основа на образованието, семејната традиција, економската положба, религиозната или етничка определеност, и врз основа на тие уверувања тој најчесто и бира кои вести ќе ги гледа, на кого ќе му верува, што ќе памети и пренесува како „жива вистина“ и на крајот дали и за кого ќе гласа на избори.

Селективно паметење

Луѓето, како што вели психологијата, имаат селективно внимание и селективно паметење. Многу тешко ги менуваат своите уверувања, па и предрасуди и најчесто го гледаат и го слушаат она што веќе го потврдува нивното базично верување во однос на тоа кој е добар а кој е лош. Во голем број земји граѓаните се поделени во политички и етнички или религиозни кампови до кои не допира ништо од она што го говори другата страна. Со појавата на интернетот и на социјалните мрежи тие се доплнително затворени во свои „групи“ на истомисленици во кои се подржуваат меѓу себе, се смеат на исти шеги и ја шират љубовта кон своите и омразата кон другите.

Во демократски развиениете земји, пред сѐ водачите на партиите и на политичките елити одамна почнаа да говорат за изборите како  фер политички напревар меѓу почитувани конкуренти за формирање на влада.  Тие и покрај сите остри зборови упатени за време на изборните кампањи на едни кон други, успеваат да го задржат меѓусебното почитување. Никој на никого не му се заканува барем дека „по промената на власта“ сите од противничкиот камп ќе завршат во затвор. Таму и никој не помислува дека по промената на власта победникот ќе го стави судството под своја контрола и арбитрерно ќе апси и суди политички противници и конкуренти.

Таму изборите не се избор меѓу „смрт или слобода“ и губењето на изборите не значи и губење на слободата, па некој да мора да се бори за победа како да се бори за слобода со сите дозволени и недозволени средства.

Но, кај нас, како земја со мошне ниска политичка култура, во која општеството и по 30 години независност е етнички и политички поделено на „непомирливи кампови“ од патриоти и предавници, комити и комуњари, националисти и Европејци, секои избори се еден вид продолжување на војната за уништување на другиот, односно на „непријателот“ со други средства. А во секоја војна, прва жртва е вистината.

Во изборите како војна, се користат „разузнавачките активности“ за да се дознаат слабите точки на другата страна, се пласираат лажни вести од „веродостојни извори“, како „бомби“ и се најавува одмазда која ќе следи дури откако ќе биде победен „непријателот“ и кога народот на едната страна ќе ѝ довери да раководи со полицијата, со војската и со државата.

Во такви општества и услови, за време на изборните кампањи секој ѝ се обраќа на „својата страна“ и на својата публика. Неопределени речиси и да нема. Меѓу оние кои можат да се сметаат за неопределени се еден тесен слој од збогатените, на кои им е сеедно кој ќе победи и кои со секоја власт го зголемуваат своето богатсво и тајно ги помагаат сите страни. Една маса на очајници од дното на општествената хиерахија, која нема време за „одложени задоволства“, па или не гласа или за мали пари го продава својот глас на оној што на денот ќе понуди најмногу. И определен број од оние што себеси се нарекуваат „незвисни интелектуалци или новинари“, а кои ѝ се нудат на секоја влада со своите услуги и се вртат кон другата веднаш кога ќе забележат дека недоволно бил ценет или „платен“  односно исплатен нивниот „голем придонес“.

„Можеме“ и „Обнова“

Во ваквите општества изборната кампања трае од денот на завршувањето на претходните избори до денот на одржувањето на следните. Затоа прогласените 20 дена изборна кампања суштествено не го менуваат расположението.

На денот на изборите, 15 јули, ќе се виде колкав број од граѓаните што ќе излезат на избори ќе излезат само за да го „казнат“ СДСМ, како што бараат Мицкоски и неговите, поради тоа што „со потпишаните договори со Бугарија и Грција, но и со попуштање кон Албанците, го понижиле македонскиот народ, економски ја упропастиле земјата, а заради корупција на власта, која била поголема отколку во време на Груевски,  ЕУ не ни давала датум за започнување на разговори за членство“.

Тие, ако дојдат на власт, ќе ја „обновеле Македонија“ и многу поуспешно од Венко Филипче,  на чело со Наќе Чулев и епидемиологот Вело Марковски ќе се справеле со пандемијата на ковид вирусот. Ова ветување подразбира и ослободување од затвор на „невинити патриоти“ осудени за нападот врз Собранието, враќање на Груевски во земјава и ставање во затвор на сите сегашни учесници во власта, за кои тие веќе „имааат докази“ дека направиле криминал и злоупотреби.

СДСМ на денот на изборите ќе се соочи со сознанието на колкав број од оние што го подржаа на претходните избори, на референдумот за името, на локалните и на претседателските избори им значи тоа што: Македонија ги реши споровите со соседите и го зачува и го зацрсти еднаш за секогаш на меѓународно ниво македонскиот национален идентитет, тоа што земјата стана членка на НАТО, кој ги гарантира нејзините надворешени граници и безбедност, тоа што 27 земји ченки на ЕУ дадоа согласност да почне разговори за членство во Унијата и што низ низа економски мерки и политики ја подбри не само економската положба на граѓаните, туку обезбеди и повисок степен на социјална правда преку зголемувањето на најниската плата и на сите додатоци за социјална заштита на населението. Граѓаните ќе кажат дали сакаат сегашните тимови во здравството на чело со Венко Филипче и најдобрите епидемиолози во земјата да продолжи да ја води битката против корона вирусот или да бидат заменети со новоизбрани комисии со експерти од непознатите тимови на ВМРО-ДПМНЕ кои „сѐ уште не веруваат дека вирсуот постои и се против вакцинирањето“. И дали медиумите ќе продолжат слободно да известуваат или одново власта нема да дебатира со опозицијата, а на опозиционерите ќе им биде забранет пристап до националната и до други телевизии со национална концесија.

На овие избори ќе се види и колку граѓаните Албанци го подржуваат и натаму политичкиот монопол на ДУИ во власта или сметаат дека имаат избор и подобри решенија, односно колку од нив вистина веруваат дека само со Албанец премиер ќе бидат решени сите проблеми на Албанците во Македонија. И дали на Албанците вистина сѐ им зависи само од политичката моќ на ДУИ и на Ахмети.

Во атмосфера од општо надвикување „Јас ќе бидам премиер“ и сигурно ние победуваме, тешко е да се прогнозираат изборните резултати, а ниту тие слогани и тоа надвикување нешто ќе смени.

СДСМ оди на избори со слоганот „Можеме“. И тој навистина покажа дека може да реши прашања кои беа прогласени за „нерешливи“ од независноста до денес. Покажа дека е можно Македонија да се развива како едно општество и дека етнички партии можат да стануваат граѓански партии и да формираат граѓански изборни коалиции.

Тоа беше победничкиот слоган од изборната кампања на Барак Обама – „Да, ние можеме“, кога беше направен големиот пресврт во САД. Слоганот содржи обединувачки потенцијал и им се обраќа на сите за поддршка за земјата да продолжи на прав пат и да не се враќа назад во историјата. Дали за тоа ќе се добие мнозинство ќе се дознае набргу.

Сепак народот заслужува само таква влада каква што ќе избере. Важно е само да не му зависи сѐ во животот од неа. Но до тогаш треба внимателно да бира.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)