Во СДСМ шокирани од реформските закони, носеле правен хаос место решенија
Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупевска тврди дека Министерството за правда ги саботира реформските процеси во нашата држава.
-Владата на ДПМНЕ, за жал, не претснува да демонстрира шокантна неподготвеност и целосно отсуство на свест за неопходноста од итно спроведување на реформска агенда, особено кога станува збор за судски реформи – од кои, како што знаеме сите , директно зависи квалитетот на нашиот живот. И, ова не само што го кочи секојдневното живеење, туку и директно ја компромитира нашата европска перспектива.
Како одговорна опозиција, СДСМ пружи искрена рака за соработка и државнички понудивме конкретна помош и сериозна експертиза за реализација на државните приоритети поврзани со реформскиот процес.Тоа, беше потврдено и на лидерската средба на нашиот претседател со премиерот, во април. Но, денес, одговорно тврдам дека наидовме на непробоен ѕид! Сведочиме, имено на недозволив недостаток на одговорност и срамно отсуство на соработка од владините институции, и, особено, сакам да нагласам од Министерството за правда. Оваа, сметаме дека е злонамерна опструкција во однос на пакетот реформски закони и станува бесрамно видливо.
Работната група, која ја предводев по овластување од претседателот Филипче, исклучително и посветено работеше на законите. Но, ние се соочивме со перманентна нереспонзивност од Министерството за правда. Замислете, бевме упатени сами да ги обезбедуваме нацрт-законите од ЕНЕР, бидејќи Министерството одбиваше директна и суштинска соработка, односно размена на предлозите за кои постојано тврди дека ги разработува. Се прашуваме, дали воопшто постојат такви работни материјали ?
И покрај ова неприфатливо и подмолно однесување, ние подготвивме и доставивме детални мислења и забелешки за јавно објавените предлози за закони, кои уредно ги архивиравме во Министерството.Како СДСМ, имаме суштински и многу сериозни забелешки за овие решенија.
Нашите анализи откриваат шокантна реалност: На пример Законот за Судскиот совет открива поразителна слика, затоа што од препораките на оценската мисијата, цели 8 остануваат неадресирани, додека 3 се само делумно имплементирани. Законот за Судски совет, ваков како што е ставен на ЕНЕР создава правен хаос, бидејќи текстот е полуготов, но, и целосно неусогласен со други релевантни закони. Со други зборови, ова решение што го ставиле на ЕНЕР, не е решение, туку е проблем, бидејќи изобилува со конфузија, како околу изборот на членови на Советот така и околу низа други секвенци.
Сè уште постои проблемот со терминот „истакнат правник“ и покрај сугестиите од оценската мисија, а исто така посебно обскурна е сугестијата да се предлага „опозициско“ пополнување на места во советот, бидејќи со тоа де факто се признава дека останатите места ќе бидат веќе „политички договорени“. Ова е невидена хипокризија! Консеквентно, јасно е дека ова не е реформа, туку е фарса! Предложениот текст бара итни и суштински измени за да се постигне вистинска независност и кредибилитет на судството.
Најапсурдното сепак е што Владата не покажува ни најмала волја да ја урамнотежи независноста во трите гранки на власта, туку го прави токму спротивното, со што директно го нарушува уставниот поредок. Токму поради овие нешта што претходно ги наведов, ние алармиравме во делегацијата на ЕУ, и детално го известивме и амбасадорот на ЕУ, Рокас.
Наводните законски решенија, почитувани, изобилуваат со суштински пропусти кои ги загрозуваат темелните демократски принципи. Дозволете да дадам уште еден пример за хаосот кој имаат намера да го создадат, предлагаат воведување на „тест за јавен интерес“ во Законот за слободен пристап до информации, а ова решение се чини дека има намера за фактичко прикривање информации, имено, отвора врата за самоволие и цензура, наместо транспарентност.
Кај Законот за прекршоците, несфатливо е како тоа не се предвидени доволно мерки за намалување на сообраќајните прекршоци, ниту пак системска работа со несовесните возачи. Предлагачот се фокусирал само на пенали, што е целосно неефикасно!
Кај Законот за Јавното обвинителство, наместо да се заштити независноста на ЈО, се воведуваат решенија кои овозможуваат уште подиректно мешање на извршната власт. Дополнително, скратувањето на стажот за избор во повисоки позиции го сметаме за сериозен удар врз професионализмот, додека преопштите основи за разрешување на јавниот обвинител разорно ја поткопуваат правната сигурност. Наместо да се зајакне улогата на Советот на ЈО како стручно тело и да се гарантира право на одбрана на Обвинителот, се нудат непринципиелни решенија.
Да не должам многу, нашите детални анализи ќе ги објавиме на сајт. Ова што ние го воочивме изискува сериозна јавна расправа, и нашиот претседател Венко Филипче ќе ја иницира во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции. Во меѓувреме, нашите анализи се јавно достапни на сајтот за цела јавност да може да ги види, а со тоа и сами ќе се уверите дека оваа Влада не е посветена на вистински реформи, туку нејзин фокус е контрола овозможена со популизам. И тука особена замерка имаме за Министерството за правда, кое како клучен ресор, одбива соработка, игнорира експертиза и систематски ја поткопува правната држава, а се занимава со сè само со реформи не, порача Чупеска.
На ваквите тврдења реагираа од Министерството за правда со оценка дека СДСМ продолжува по патот на деструкција и креирање дезинформации на штета на граѓаните, како што стои, на Република Македонија.
-Очекувавме поконструктивен пристап, не заради нас, туку во интерес на доброто на државата. Но, досега, освен саботажа на дневнополитичка основа, ништо друго не видовме. Се надевамe дека ќе успеат да се надминат себеси и, во интерес на граѓаните, ќе се обидат да бидат покооперативни во иднина.Ние, како Министерство за правда, остануваме посветени на реформите – не во интерес на поединци или тесни групи, туку затоа што тоа им го должиме на граѓаните. Се надевамe дека еден ден и СДСМ ќе успее да го види тоа.
Но, самиот факт дека „предводникот“ на работната група на СДСМ за реформи во правосудството е политиколог, а не правник, неспорно укажува дека станува збор за чисто политички забелешки и празна демагогија, а не за правно издржани ставови. Работата на Министерството, како и досега, останува отворена и транспарентна за сите.
Токму критиките упатени кон Законот за Судскиот совет укажуваат на чисто дневно политиканство и празна фразеологија во дадената изјава. Законот е резултат на темелна анализа и повеќемесечна стручна работа, имајќи ги предвид препораките од оценската мисија, коментарите од Венецијанската комисија, сè со цел да се обезбеди независност на судството и заштита на правната држава.
Во текот на работата, изминатите месеци беа разгледани бројни коментари од политичките партии, вклучувајќи ги и тие на СДСМ – иако беа доставени крајно задоцнето – како и коментари од заинтересирани граѓани и бројни правни експерти. Никој нема да дозволи политички договори и мешање во судските институции.
Во однос на критиките за Законот за јавното обвинителство, укажуваме дека во текстот објавен на ЕНЕР имплементирани се сите препораки од реформската агенда. Дополнително, Законот, заедно со Законот за Советот на јавните обвинители, ќе биде доставен на мислење до Венецијанската комисија пред нивното финализирање и процесуирање во владина постапка.
Го повикуваме СДСМ да престане со саботажите и да застане на страната на државните интереси, а не на партиските пресметки. Судството не смее да биде полигон за политички пазарења, туку независна гранка на власт која ќе обезбедува правда за сите граѓани. Тврдењата дека одбиваме соработка се лага, а обидите за блокада на реформите се обиди на СДСМ да го спречат напредокот поради сопствени партиски интереси, порачаа од Министерството за правда.