Во Прилеп почнува 60 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
Со претставата „Мачкина глава на Драмски театар од Скопје и со доделувањето на наградите за животно дело, вечер во Прилеп ќе биде отворен јубилениот, 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
На јубилејното отворање на Фестивалот, од 19 часот ќе му претходи изложбата „60 години театарска меморија“ што ќе опфати патека на театарот од првите почетоци во 1965 година до денес.
– За отворањето на годинашниов, јубилеен 60-ти Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, пред официјалниот почеток на претставите, замисливме една изложба која ќе биде своевиден времеплов- 60 години на Фестивалот „Војдан Чернодрински“.Почетокот на патеката е токму од пред зградата на прилепскиот народен театар, изложбата е хибридна – и дигитална и аналогна, во духот на „Храбриот нов театар“ (тоа е мотото на годинашниов Фестивал). Ќе презентираме артефакти од историјата на фестивалот на пет точки низ градот. Првата е тука, пред народниот театар, втората е Музејот на икони, третата е пред Градскиот саат, четвртата е пред познатите Реклами во центарот на Прилеп и завршуваме пред центарот за култура „Марко Цепенков“. Таа своевидна изложба ќе биде раскажување на историјата на Фестивалот, со актери кои ќе имаат функција да ѝ го доближат на публиката сето она што било во минатото и да овозможат пренос кон иднината, објаснува Стојаноска.
Во 20 часот на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе бидат доделени наградите за животно дело на театарските уметници: Атила Клинче, Сашо Миленковски, Љубомир Чадиковски и Веби Керими.
Потоа е првата од 10- те претстави во конкуренцијата за награди: „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски на Драмски театар од Скопје.
-Прилеп и прилепските театарски уметници, и сите уметници во Македонија заслужуваат овој голем јубилеј да биде прославен на достоинствен начин, вели Стојаноска.

Во богатата програма на Фестивалот се 10 претстави во конкуренцијата за награди и уште 4 во офф- програмата. Фестивалот кој ќе трае до 12 јуни носи бројни промоции, научни трибини, тркалезни маси, автор во фокусот и многу театарска магија.
Годинашен автор во Фокусот е Дејан Дуковски. Во негова чест, на затворањето на фестивалот гостува претставата „Црно злато“ од Белградско драмско позориште со праизведбата на драмата на Дејан Дуковски.
Годинашни членови на жирито се: театрологт Дарко Лукиќ, театарската режисерка Аида Буквиќ и Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка.