Во Париз состанок на министрите за надворешни работи на државите од Г7
Министрите за надворешни работи на седумте најразвиени индустриски држави (Г7) денеска се среќаваат во Франција на дводневни разговори во услови на засилени геополитички тензии.
Средбата се одржува во поранешна опатија во Сернеј-ла-Вил, во близина на Париз, а се очекува првично да се разговара за можни реформи во мировните мисии и хуманитарната помош.
На агендата се и напорите за обнова, вклучително и оштетената заштитна структура на нуклеарната централа „Чернобил“, како и мерки за борба против трговијата со дрога во Сирија.
За утре на состанокот се очекува да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио, а министрите официјално да се осврнат и на тековните конфликти во Иран и Украина.
Ова е првиот формален состанок на министрите за надворешни работи под француското претседателство во 2026 година. Франција очекува разговорите да резултираат со конкретни чекори за справување со клучните меѓународни кризи.
На состаноците на Групата Г7, во која членуваат Франција, Италија, Јапонија, Канада, Германија, САД и Велика Британија, се поканети и претставници од Бразил, Јужна Кореја, Индија и Саудиска Арабија за одделни разговори.