Во падот на американскиот воздушен танкер загинаа 4 лица. Еве што треба да знаете
Во несреќата над Ирак веројатно учествувале два авиони танкери. Околностите не се познати
Четири од шесте членови на екипажот загинаа во падот на американскиот авион за полнење гориво „KЦ-135“, кој се урна вчера во западен Ирак, соопшти Централната команда на САД. Спасувачките напори продолжуваат. Околностите на авионската несреќа се испитуваат. Според достапните информации, можноста авионот да бил соборен од непријателски или таканаречен пријателски оган е исклучена.
Идентитетите на загинатите членови на екипажот ќе бидат објавени 24 часа откако нивните семејства ќе бидат известени за нивната смрт, што е стандардна процедура.
Со ова бројот на загинати Американци од почетокот на американско-израелската војна со Иран се искачи на 11.
Централната команда на САД, која го надгледува Блискиот Исток, соопшти дека несреќата следела по неодреден инцидент во кој биле вклучени два авиона во „пријателски воздушен простор“ и дека другиот авион слетал безбедно.
Еве што е познато досега за танкерот, кој е четвртиот јавно признаен американски авион што се урна за време на војната против Иран:
„KЦ-135 Стратотанкер“ е авион на американските воздухопловни сили што се користи за полнење гориво на други авиони во воздух, овозможувајќи им да патуваат на подолги растојанија и да одржуваат операции подолго без слетување. Авионот се користи и за транспорт на ранет персонал за време на медицински евакуации или спроведување мисии за надзор, според воените експерти.
Врз основа на истиот дизајн како патничкиот авион „Боинг 707“, танкерот е во употреба повеќе од 60 години, поддржувајќи ги американските воздухопловни сили, морнарицата и морнаричкиот корпус, како и сојузничките авиони, според описот на воздухопловните сили. Застарениот авион треба постепено да се исфрла од употреба како што повеќе танкери „КЦ-46A Пегасус“од следната генерација ќе влезат во употреба.
И покрај надградбите низ годините, староста на „KЦ-135“ предизвика загриженост за нивната сигурност и издржливост.
Последниот од овие авиони беше произведен во 1960-те.
Според Конгресната истражувачка служба, воздухопловните сили на САД минатата година имале 376 „KЦ-135“, вклучувајќи 151 на активна должност, 163 во Националната гарда на воздухопловството и 62 во резервата на воздухопловните сили.
Основниот екипаж на „KЦ-135“ има три лица: пилот, копилот и оператор. Медицински сестри и медицински техничари се додаваат во мисиите за аеромедицинска евакуација.
Полнењето гориво обично се случува на задниот дел од авионот, каде што се наоѓа операторот. Цревото за гориво се спушта за да се поврзе со ловци, бомбардери или други авиони. На многу од авионите, операторот работи лежејќи со лицето надолу додека гледа низ прозорецот на долната страна од авионот.
Полнењето гориво на танкерите би можело да игра сè поважна улога ако војната во Иран продолжи, бидејќи американските авиони можеби ќе треба да летаат подолги мисии за да ги гонат иранските сили што се повлекуваат подлабоко во земјата.
Централната команда на САД соопшти дека четворица од шесте членови на екипажот на урнатиот „KЦ-135“ се потврдени како мртви и дека спасувачките напори продолжуваат. Околностите на несреќата се истражуваат, но дека губењето на авионот „не е поради непријателски или пријателски оган“.
Американски функционер, кој исто така зборуваше за АП под услов да остане анонимен за да разговара за ситуацијата во развој, рече дека другиот авион што бил вклучен во несреќата бил исто така „KЦ-135“. Јехиел Лајтер, израелскиот амбасадор во САД, напиша на Икс дека другиот авион безбедно слетал во Израел.
Ретко се случува танкер за полнење гориво да биде соборен од непријателски оган бидејќи ваквите операции обично се спроведуваат во задниот дел на борбените зони.
Несреќата се случи откако три американски борбени авиони „F-15E“ беа погрешно соборени минатата недела од пријателски кувајтски оган.
Пентагон потврди во неделата дека бројот на загинати американски војници се искачи на седум откако беше потврдена смртта на уште еден, кој беше убиен во ирански напад врз саудиска воена база каде што беа стационирани американски војници. Официјалните лица велат дека тој починал од повредите во времето кога воените здравствени службеници го подготвувале неговото префрлање за понапреден третман во американска воена болница во Германија.
Во саботата, претседателот Доналд Трамп присуствуваше на враќањето на телата на првите шестмина Американци убиени во војната, на свечена и тивка церемонија во воздухопловната база Довер во државата Делавер. Шест резервисти на американската армија беа убиени по иранскиот напад со дроновиврз пристаништето Шуаиба во Кувајт во неделата.