Во кои земји луѓето најдолго уживаат како пензионери?


Французите, а особено французинките можат да се пофалат дека најдолго уживаат како пензионери, покажува извештајот што го објави Светскиот економски форум врз основа на податоците на ОЕЦД. Според најновата статистика откако ќе се пензионираат, жените во Франција во пензија минуваат во просек речиси по 27 години, а мажите нешто помалку од 23 години.

Ова е рекорд меѓу земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој, во која членуваат 36 држави кои учествуваат заедно со над две третини во глобалниот БДП.

Просечното очекувано времетраење како пензионери во земјите на ОЕЦД последниве неколку години е околу 20 години за жените и 18 години за мажите. Сепак, овој период варира од земја до земја, како резултат на различните критериуми за заминување во пензија, како што се возраста, работниот стаж или очекуваниот животен век.

Зад Франција, според бројот на години кои може да ги очекуваат жените кои ќе заминат во пензија, најдобро е во Шпанија, Австрија, Белгија и Италија, каде што е 25 години или повеќе.

Од друга страна, Јужнокорејците можат да очекуваат дека во пензија ќе поминат по околу 10 години помалку отколку нивните француски колеги. Во оваа земја, просекот е околу 16 години за жени и 13 години за мажите. Само мажите во Мексико можат да очекуваат пократок период на користење на пензија од нивните колеги од Кореја. Но, треба да се има во предвид дека во Кореја вообичаената возраст за пензионирање е на околу 68 години за мажи и 67 години за жени. Кореја се очекува да има и една од најстарите популации меѓу земјите на ОЕЦД – до 2050 година околу половина од вработените ќе имаат 50 години или повеќе.

Но, стареењето на населението е глобален проблем – се проценува дека за прв пат бројот на луѓето кои имаат над 65 години го надмина бројот на оние помлади од пет години, што е закана за пензиските системи кои се соочуваат со големи дефицити.