Во Германија се очекува Шолц да биде номиниран за кандидат за канцелар од германските социјалдемократи


Околу три месеци пред предвремените избори во Германија, социјалдемократите официјално ќе го номинираат Олаф Шолц за свој кандидат за канцелар и покрај неговиот исклучително низок рејтинг, јави ДПА.

Неговата формална номинација доаѓа откако партијата беше поделена со двонеделна жестока дебата за тоа дали далеку попопуларниот министер за одбрана Борис Писториус треба да биде номиниран за кандидат на местото на Шолц, за кој многумина во левичарската партија веруваат дека треба да се откаже.

Во четвртокот, сепак, Писториус отворено потврди дека не сака да биде номиниран за канцелар, со што го отвори патот за номинација на Шолц.

Министерот за одбрана е еден од триесет и тројцата членови на извршниот совет на партијата со право на глас, кои денеска ќе одлучуваат за канцеларската кандидатура.

Шолц е третиот кандидат за канцелар што ќе го предложи една од партиите за претстојните избори на 23 февруари, откако веќе се објавени кандидатурите на лидерот на ЦДУ/ЦСУ, Фридрих Мерц и на вицеканцеларот Роберт Хабек од Зелените.

Извршниот одбор на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија се очекува да ја номинира лидерката на партијата Алиса Вајдел за свој кандидат за канцелар на 7 декември. Тоа значи дека за прв пат ќе има четворица кандидати за канцелар на сојузни избори.