Во ек на корона вирус, контактните леќи заменете ги со очила
Со прогласување пандемија од корона вирус беа издадени бројни насоки за заштита на нашето здравје. Една од мерките вели дека треба да ги заштитиме и нашите очи, односно да спречиме инфекција.
Според Американската академија за офталмологија, носењето очила место леќи може да ви помогне да престанете да го допирате лицето, што е клучно за да се спречи ширењето на кој и да е вирус, пишува Би-би-си.
„Корисниците на контактните леќи не само што ги допираат очите за да ги стават или извадат леќите повеќе пати дневно, туку и ги допираат очите и лицето многу повеќе од оние кои носат очила“, вели доктор Томас Стајнмен, портпарол на Академијата.
Иако, појасни дека поголема е веројатноста да заболиме преку устата и носот, сепак претпазливоста секогаш е добродојдена.
„Ги триете очите, па го триете лицето, го гребите лицето, ставате прсти в уста, во нос. Некои луѓе не водат сметка за хигиената и можеби заборавиле прво да измијат раце“, додава тој.
Она што е поверојатно е дека корона вирусот може да предизвика конјуктивитис, високозаразна состојба позната како пинк око.
Конјуктивитис е воспаление на тенкиот, провиден слој на ткивото, наречен конјуктива, кој го прекрива белиот дел од окото и внатрешноста на капакот.
Рацете редовно да се дезинфицираат пред да се стават леќите. Да се измијат со вода (дезинфициенсот не смее да дојде во допир со слузницата на окото).
Со леќите ракувајте откако ќе се исушат рацете. Извадате ги леќите пред спиење. Не носете ги доколку имате респираторно или очно воспаление.
Употребувајте ги само производите кои ви ги препорачал офталмолог. Секојдневно менувајте го растворот за чување на леќите.Редовно чистете го садот во кој ги чувате.