Во болница во Бергамо забодено руското знаме


„Русите, Кубанците, Кинезите, Албанците дојдоа. Германците и Французите не“

 

Големиот трговски саем и изложбен центар на периферијата на Бергамо, италијанскиот град кој е најтешко погоден од корона вирусот, сега е теренска болница. Наместо павилјони и штандови има 142 кревети, од кои само 38 се зафатени.

Во црвената зона на болницата, каде што се лекуваат најболните пациенти, има речиси исто толку руски медицински персонал колку и пациентите: 32 воени лекари и медицински сестри и осум толкувачи, сите испратени од Москва во контроверзен гест за помош.

Пристапувањето до интензивна нега тука е комплексен процес: мора да ставите два слоја на заштитни средства: прво бела болничка облека, а потоа еднократно хируршко одело, пластични сандали, нараквици, проѕирни очила, визир, сите дезинфицирани неколку пати со хидроалкохолен гел. Дури и тогаш, тешко е да се почувствувате 100 отсто заштитен од вирусот што се рашири низ овој град и околниот регион, оставајќи илјадници мртви за неколку недели.

Доброволни медицински лица се од италијанска невладина организација, кои работеа на епидемијата на ебола во Сиера Леоне, и медицински тимови од болницата во Бергамо „Јован XXIII“, која го понесе товарот во првата катастрофална фаза од заразата во овој регион. Но, Русите се веднаш препознатливи затоа што тие донесоа свои специфични ППЕ; бели костуми со сини ленти.

Русите исто така донесоа свое лого: две срца, едното завиткано во руско знаме, другото во италијанско знаме, споено со зборовите: „Од Русија со љубов“. Постер на кој е логото е закачен на ѕидот на теренската болница.

Контроверзноста во Италија околу руското присуство, за која весникот „Ла Стампа“ сугерираше дека е покритие за операција за собирање разузнавачки информации, и за која други шпекулираат е дека има цел ЕУ да ги укине санкциите, или вежба за пи-ар да се искористи недостигот на кохезија на ЕУ, не е нешто за што руските лекари сакаат да разговараат.

Полковникот Александар Јуманов, раководител на рускиот медицински тим, вели: „Не сакаме да се вклучиме во оваа политичка полемика, ние сме лекари кои си ја вршат својата работа. Постои традиција во Русија дека ако некој ни побара помош, ние треба да им ја дадеме“.

„Пристигнавме комплетно опремени, нашите медицински екипи и сестри беа подготвени да работат од првиот ден, бидејќи имавме осум респиратори. Донесовме уште 45 респиратори во Италија како подарок, како и заштитни костуми, маски, системи за лична заштита и комплети за тестирање“.

Каде беа испратени тестовите? „Ние предложивме Италија да им ги даде на Бергамо, но не знаеме каде завршија“.

Италијанските лекари ги фалат руските респиратори што пристигнаа заедно со тимот

Кога планираат да се вратат во Русија? „Овие термини не се дефинирани, во моментов ние се обидуваме да го дадеме најдоброто од себе“, вели Александар Волосатов, заменик-шеф за медиуми на руското Министерство за одбрана, кој го придружува Јуманов во текот на целиот период.

Дали чекаат сите да бидат излечени? „Чекаме да се стабилизира епидемиолошката состојба“, вели Волосатов.

Сè уште не е јасно како дојде до руското учество. Еден политичар од проруската партија Лига на Матео Салвини тврди дека ја посредувал интервенцијата преку германската екстремно десничарска партија АфД. Полковникот вели дека станува збор за билатерален договор помеѓу италијанскиот премиер Џузепе Конте и рускиот претседател Владимир Путин. „Односите со Италија отсекогаш биле добри“, вели тој.

Оливиеро Валоти, здравствен директор на оваа привремена болница призна рана загриженост за руското присуство, од медицинска перспектива. „Бевме загрижени за јазичните бариери и културните прашања. Во реалноста, морам да кажам дека тие се покажаа многу ефикасни. Тие се усогласија совршено со нашиот пристап, како од терапевтска гледна точка, така и со клиничкото управување со пациентите“.

Зачекорувајќи низ широкиот коридор што ги одделува различните сектори на болницата, Валоти, анестезиолог, восхитувачки зборува за респираторите што беа донесени од Москва со руски карго-авиони: „Овие се респиратори кои не постојат на запад. Ги оценивме и искористивме, тие се со највисок квалитет. Тие се исклучително корисни при интензивна нега“.

Гвидо Маринони, претседател на редот на лекарите од Бергамо, ја контрастира руската интервенција со солидарноста на ЕУ. „Руските воени лекари работат во полската болница. Дојдоа и Албанци, Кубанци, Кинези. Но, Германците не дојдоа, Французите и Американците не дојдоа. За ова некој треба да размисли. Не е дека нема корона вирус во Кина и во Русија“.

Всушност, 44 критички болни пациенти авионски беа пренесени од германската војска од Бергамо до болници во Северна Рајна Вестфалија и Саксонија, иако шемата за пренесување на пациентите започнала по пристигнувањето на Русите. Германија, исто така, ја снабдуваше Италија со респиратори, а најмалку осум други влади на ЕУ обезбедија заштитна опрема.

Во одделенијата во теренската болница пациентите се претежно машки, многу возрасни и неколку под триесет години.

Мауро Полени, 27-годишен техничар од Паладина, беше префрлен овде на 11 април. „На почетокот беше малку чудно. Мислев дека ќе биде тешко да се комуницира со (Русите), но толкувачите се добри. Веднаш интервенираа кога имав треска од 40“.

Стапките на инфекции и приемите во болници во Бергамо сега паѓаат, а младите во градот едвај чекаат да ги продолжат своите животи и работни места кога ќе се олесни заклучувањето на 4 мај. Но, трауматизирани од загубите во градот и селата на околните долини – официјално, регионот со милион луѓе изгуби 2.700 лица, но реалниот број се проценува дека е близу 5.000 – многу постари луѓе остануваат претпазливи.  (Гардијан)