Во битолската болница нов метод за операција на карцином на простата


 

Во Клиничката болница во Битола на одделот за урологија за прв пат е воведен нов метод за операција на карцином на простата. 

Операцијата ја изведоа специјалист уролог д-р Илија Келепуровски и д-р Јосиф Јанчулев од Клиника за урологија, Скопје. 

„Во Клиничка болница Битола направена е првата лапароскопска радикална простатектомија со лимфаденектомија во Одделението за урологија, од д-р Келепуровски, раководител на одделението и д-р Јанчулев од Клиника за урологија, Скопје. Ова достигнување за Клиничка болница Битола, претставува значаен чекор напред во унапредувањето на уролошката хирургија во нашиот регион“, ни изјави д-р Ненси Лозанче, директор на Клиничка болница Битола.

Од болницата информираат дека овој значаен хируршки подвиг претставува пресвртница за уролошкото одделение, но и за целата Клиничка болница Битола, бидејќи воведува една од најсовремените техники во уролошката хирургија – лапароскопијата.

„Ова е особено важно за пациентите со карцином на простата, каде што прецизноста и ефикасноста на оперативниот третман играат клучна улога во исходот на болеста“, велат од болницата. (А.Б.)