Во Албанија 840 новозаразени и 16 починати од Ковид-19, болниците преполни
Продолжува влошената епидемиолошка состојба со Ковид-19 во Албанија, каде во изминатото деноноќие се регистрирани 840, со што вкупната бројка на заразени достигна 42.988 лица, јави дописничката на МИА од Тирана.
– И понатаму главно жариште на болеста е Тирана каде се 345 од новодијагностицираните, поради што утре токму таму почнуваме со примена на брзите тестови. Во изминатото деноноќие битката со опасниот вирус ја добија 331, а ја изгубија 16 пациенти, информираше Министерството за здравство и социјална заштита.
Од почетокот на пандемијата направени се 204.008 тестови, речиси половина од вкупно заразените, 21.617 закрепнале, додека 905 починале.
Според Министертвото, во четирите ковид болници хоспитализирани се 497 пациенти, 35 се на интензивна нега, а деветмина се интубирани.
Наспроти тврдењата на надлежните дека болничките капацтети не се пополнети, медиумите го тврдат спротивното. На снимки се гледа како амбулантни возила со пациенти во нив чекаат во болничките кругови за да се ослободи кревет.
Телевизијата Њуз 24 пренесува трогателна изјава на момче чија мајка починала попладнево во амбулантното возило додека со часови чекале да биде хоспитализира.
– Душата ми е пекол. Не можев да гледам како мајка ми умира во амбулантно возило како да е добиток. На мајка ми не и беше направен тест иако имаше симптоми на коронавирусот. Во болниците велат дека нема, а се лекуваше дома со лекови препорачани од матичниот лекар, каква здравствена заштта имаме еве се гледа, изјави момчето низ солзи.
Пред болницата, според телевизијата, со часови се паркирани најмалку десет амбулантни возила, во кои има пациенти со потешка форма на болеста.