ВМРО-ДПМНЕ верува дека ќе победи во сите општини


ВМРО-ДПМНЕ веднаш по затворањето на избирачките места излезе со оценка дека зголемената излезност на гласачите е знак дека „стравот го замениле со храброст“ и дека со оглед на тоа очекуваат победа во Скопје и во сите општини. Според портпаролката Марија Митева излезноста е порака дека граѓаните се решиле за промени, но дека се уште е рано да објавуваат резултати.

Место тоа, од опозициската партија излегоа со куп обвинувања за наводни бројни нерегуларности на изборите и за „брутална и масовна злоупотреба на државните ресурси за партиски цели“. Во тој контекст се спомена наводно ширење пропаганда од партиски функционери на СДСМ, поткуп на гласачи во Кочани, Македонска Каменица, Радовиш, Ново Село и Ѓорче Петров, напад на новинарска екипа вчера и физички напад на набљудувач на опозицијата денес во Бојане. 

-Згрозени сме од недемократското однесување на власта. Видовме како изгледа власт кога паѓа, беше порачано од прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.