ВМРО-ДПМНЕ вечерва на стадионот во Струмица ќе го слави роденденот
Со мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, ВМРО-ДПМНЕ денеска одбележува 36 години постоење со собир на стадионот во Струмица. Партијта ги повикува не само членовите, туку и симпатизерите да дојдат на прославата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати видео порака на Фејсбук по повод прославата.
„Пред 36 години беше создадена идеја што стана симбол на борбата за слободна, независна и достоинствена Македонија – идеја што ги обедини сите оние што веруваа дека оваа држава има право на сопствен пат, на сопствен глас и на сопствена иднина. Имаше периоди кога требаше да се брани државата, кога требаше да се зачуваат националните интереси и кога требаше да се покаже карактер и истрајност. Државата кога беше одземена и требаше да стане повторно ваша. Секогаш кога било најтешко, силата доаѓала од народот“, рече тој.
Според Мицкоски, денес партијата гледа напред, зборува за развој, за економски раст, за нови инвестиции, за подобри плати, за модерна инфраструктура, за подобро образование, здравство и институции што работат во служба на граѓаните.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на прес-конференција рече дека ВМРО-ДПМНЕ сега се фокусира на иднината на Македонија и нејзините граѓани.