ВМРО-ДПМНЕ и блокирана и должна на сите страни


Средбаta во четири очи на Зоран Заев и Христијан Мицкоски кога премиерот му ја дал физибилити студијата на лидерот на опозицијата

Државниот завод за ревизија го испита работењето на најголемите политички партии во Македонија во 2018 и 2019 година, од што произлезе дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не била недомаќинска само кон државата, туку и кон самата себе. Освен што ѝ е блокиран дел од недвижниот имот поради судски спор ВМРО-ДПМНЕ, според ДЗР, има и долгови во висина од  328.301.000 денари (над 5.300.000 евра), а поради еден од нив ѝ била блокирана  банкарската сметка во периодот од септември до декември 2020 година.

„Овластениот државен ревизор извести за судска постапка поведена од страна на надлежните органи во месец октомври 2018 година, со која на ВМРО-ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти со вкупна набавна вредност во износ од 1.140.344 денари, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, се до завршување на постапката пред надлежниот орган“, стои во извештајот.

Ревизорите исто така утврдиле дека ВМРО-ДПМНЕ има во евиденцијата 271 слики за кои нема потврда од кого се купени и како, а се во вредност од 23.889.000 денари. Дел од долговите, според ДЗР, се кон добавувачи на стоки и услуги, а дел се преземени долгови од изборните кампањи и се стари три години.

Околу изворите на финансирање ДЗР  забележува дека јавното финансирање, т.е. од државниот буџет има се поголем удел во приходите на партијата, така што од 27 отсто во 2016 година стигнал до 67 отсто во 2019 година. Графиконот со приходите покажува дека  донациите во оваа партија растат значајно кога се на власт, а паѓаат веднаш штом ќе ја изгубат, но тој аспект не е предмет на анализа на извештајот. Така, од 125.00.000 денари донации пријавени од ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, партијата спаднала на помалку од 60.000.000 следната 2017 година, а во 2018 година и во 2019 година тие се речиси невидливи во структурата на приходи. Затоа, пак, во СДСМ разликата во донациите е незначителна од 2015 до 2019 година, со тренд на намалување на учеството на приходите добиени како членарини или донации од приватни лица, при што во вкупната структура буџетските пари од 37 отсто во 2015 година станале 82 отсто во 2019 година.  

Главната забелешка на Државниот завод за статистика во однос на имотната состојба на СДСМ е дека партијата се уште не ја регулирала сопственоста на имотот што ѝ е наследен, како и дека парите од донации и членарина не се уплатуваат поединечно туку на купче од одговорно лице во партијата, поради што не може да се утврди точно – кој ги уплатил и колку.

„Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства. Одговорното лице на партијата да преземе активности за донесување на акт за доуредување на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечни износи на средства по основ од членарина, заради потврдување дека поединечните износи на членарина се во рамките на законски утврдениот лимит“, се наведува во извештајот.

Во однос на трите партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ)  ДЗР изразува резерва околу вистинитоста и објективноста во прикажувањето на финансиските извештаи, како и околу нивната усогласеност со законската регулатива. Притоа, Државниот завод за ревизија бара да се преиспита законската регулатива со која се овозможува финансирање на изборните кампањи со парите за редовно работење на партиите добиени од државниот буџет, како и да се допрецизираат регулативите за донациите, поточно да се преиспитаат лимитите за донации од физички и правни лица. ДЗР исто така бара измени на подзаконските акти со кои се регулира водењето сметководсто околу уплатените донациите и членарините во партиите, бидејќи сега нема изедначен стандард и не можат да се утврдат ни вистинските донатори, ни вистинските бројки. Сите овие слабости кои му ги врзуваат рацете на Државниот завод за ревизија во утврдувањето на вистинската финансиска состојба на партиите, според негова оценка, се системски.  

За ДУИ ДЗР утврдил и дополнителни нерегуларности. Така, во извештајот за 2019 година е утврдена донација во вредност повисока од законскиот лимит и  немањеа попис на патничките возила што ги користи. Износот на донациите сега не смее да биде повисок од 60 просечни плати исплатени претходниот месец за правни лица, или 30 просечни плати за физички лица. Во годишниот извештај за 2019 година ДУИ сепак пријавила донација во автомобил од едно лице во вредност од 2.046.000 денари (33.000 евра) , што е далеку над предвидениот законски лимит кој пак и така, според европските стандарди, е превисок и е цел на критики од меѓународните организации. И кај оваа партија генерално се бележи тренд на опаѓање на донациите на сметка на процентот на пари добиени од буџетот на државата – до 83, 58 отсто во 2019 година.

Во однос на судската постапка со која ѝ е замрзнат дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, ДЗР посочува дека таа е поведена од страна на надлежните органи во октомври 2018 година, со која на ВМРО-ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти со вкупна набавна вредност во износ од 1.140.344 денари, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, сѐ до завршување на постапката пред надлежниот орган. Препораката што се наведува во извештајот е одговорните лица на партијата да преземат мерки и активности за соодветно евидентирање на недвижен имот, по завршување на постапката пред надлежните органи. (С.Ј.)