ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа претседателот на РКЕ, а не му го знае презимето


ВМРО-ДПМНЕ два пати неделава протестираше против поскапувањето на електричната енергија и два пати ја блокираше улицата каде што се наоѓа Регулаторната комисија за енергетика, која ја обвинува за осиромашување на народот, но има проблем да го погоди презимето на првиот човек на Комисијата.

Па така, денешното официјално партиско соопштение напишано на службен меморандум и потпишано од Центарот на комуникации на ВМРО-ДПМНЕ е со наслов „Беслимовски се крие од народните избраници“.

Во текстот на соопштението, пак, првиот човек на РКЕ се ословува или како Беслимоски, или Беслимовски.

Проблем е што ниту едното, ниту другото презиме е точно. Претседател на РКЕ е Марко Бислимоски и неговото точно име и презиме може да се види и на официјалната интернет страница на Комисијата.

Дали од немарност или пак е нешто друго, во секој случај излегува дека партијата што протестира и држи прес конференции против РКЕ и нејзиниот прв човек, всушност не знае како точно се презива.

Дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ денес тропнаа на вратата на регулаторот, во обид да достават, како што велат, „уредни барања до Регулаторна комисија, но наиде на затворени врати и не се дозволи истите да бидат примени во институцијата“.

Меѓу оние кои бараа средба со регулаторите не беше лидерот Христијан Мицкоски, туку потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Александар Николовски и генералниот секретар Игор Јанушев.

На првиот протест Мицкоски, пак, дури и мафташе со фотографија на претседателот на РКЕ, но сепак партијата погрешно го ословува Бислимоски во нивните соопштенија.

Инаку, токму од ВМРО-ДПМНЕ на конститутивната собраниска седница реагираа на дискусијата на пратеникот Љупчо Балкоски, кој постoјано ја нарекуваше најголемата опозициска партија само ДПМНЕ. На тоа реагираа неколку пратеници кои бараа од претседателот на парламентот Талат Џафери да не дозволи такво нешто, а од Балкоски да ја ословува партијата како што е впишана во Централниот регистер.

По таа логика, елементарно правило и во овој случај е претседателот на РКЕ да се ословува со неговото точно презиме. (Н.В.)