Излезноста во Србија постојано расте, исто така и напнатоста

Високата излезност сугерира дека гласачите бараат промени. Во центарот на Белград распоредена жандармерија. Режимските медиуми веќе зборуваат за нерегуларности


Невидена гужва на избирачко место во Белград

 

Судејќи според она што се случува во Белград, меѓу силите што се противат на Александар Вучиќ веќе завладеа еуфорија на триумф – се очекува тие да почнат да слават на улиците штом ќе се затворат избирачките места. Дали тоа може да биде прерано славје ќе се знае кога ќе почнат да се објавуваат резултатите. Гласањето треба да заврши во 20 часот, а првичните резултати ќе се знаат околу 22 часот.

Причина за оптимизмот на опозицијата е високата излезност, што сугерира дека Александар Вучиќ – барем така изгледа – заминува од власт, и дека дури и со бројни изборни нерегуларности, тој нема да може да ја надомести загубата во гласови. Студентската листа објави дека до 14 часот гласале околу 3 милиони луѓе, а државната изборна комисија во проценти тоа го прецизира со 46,53 отсто. За споредба, на изборите во 2023 излезноста во 14 часот беше 32,2 отсто, што е зголемување од 14,3 проценти. Во број на гласачи тоа е околу 800.000.

Надреална слика од Белград за која зборува цел регион – маж во пењоар и куче на гласачкото место

Уште од рано утрово, атмосферата беше таква што редовите почнаа да се формираат и пред отворањето на избирачките места. Според социолозите, ваквата ситуација е сигурен показател за висока излезност, што сигнализира дека гласачите бараат промени. Излезноста се движи кон ниво кое дури и за Вучиќ ќе биде тешко да го надмине. Судејќи според првите неколку часа од гласањето работите за Вучиќ не стојат добро.

Излезноста во големите градови е особено висока. Градската изборна комисија на Нови Сад соопшти дека излезноста во градот до 14 часот била 49,31 отсто, а во Ниш уште повисока – 50,94 проценти. Во Белградскиот регион излезноста била 47 отсто.

На многу места има инциденти. Досега се пријавени 200 неправилности. Во Панчево се претепани млади луѓе пред избирачко место. Жена е нападната и потоа префрлена со брза помош на избирачко место во Белград. Во центарот на Белград се распоредува жандармеријата. Илицата пред државната изборна комисија е затворена. Српската напредна партија ги одби акредитациите за Н1, Нова „Данас“ и „Радар“ да го следат објавувањето на резултатите од нејзиниот штаб.

Александар Вучиќ на гласачкото место во Нов Белград, заедно со неговата сопруга Тамара

Фактот што многу од неговите медиуми, како „Информер“, „Курир“, „Ало“, „Политика“ и Б92, пишуваат за бројни нерегуларности на избирачките места и за заканите на кои се изложени гласачите што го поддржуваат Вучиќ, додека истовремено се напаѓаат студентите и независните медиуми поради наводно кршење на изборниот молк, тоа може да значи дека можеби се подготвува тактика за непризнавање на изборните резултати – со образложение дека се нерегуларни. „Информер“, како најсилното медиумско оружје на Вучиќ, веќе зборува за овие нерегуларности. Во „најдобрите“ денови на Александар Вучиќ, за него гласаа околу 1,8 милиони луѓе, што значи дека овојпат му се потребни најмалку уште 400 илјади гласови за да прогласи победа. Ако излезноста биде меѓу 65 и 70 отсто или повеќе – што се очекува според овој тренд – тоа ќе значи дека тие нема да можат да ја надоместат разликата.