СДСМ: Ни коските на Мицкоски ни ништо. Кос не ја ни споменува Македонија


 

Опозицискиот СДСМ реагираше на излагањето на премиерот Христијан Мицкоски по повод 23 Октомври и нагласи дека заштитата на идентитетот не се мери со говор, туку дали земјата напредува или не.

„Оваа иста недела еврокомесарката за проширување Марта Кос зборуваше за европската иднина на Балканот. Црна Гора ја позиционира пред завршната фаза. Албанија ја повика да го задржи темпото на реформите. За Србија ги посочи изборите како клучни. Од Косово побара почитување на меѓународното право. Македонија не беше спомената.

Фон дер Лајен јасно кажа дека Европа ја чека Македонија со нејзиниот јазик и идентитет.

Условот остана ист: реформи и соработка со Канцеларијата на европскиот јавен обвинител пред членство. Тоа не е билатерално прашање. Тоа е европски услов.

Мицкоски вели дека не се занимава со ‘коски од минатото’, туку со иднина за децата. Иднината се гради со независни институции, не со судство по телефон“, велат од СДСМ.

Според партијата, државните интереси не се штитат со изолација. Се штитат со место во Европа каде се одлучува и каде се живее подобро. Кога земјата не се споменува во пораките за проширување, тоа не е заштита. Тоа е резултат.

„Граѓаните се изморени од чекање. Време за чекање нема. Ако се чека и се вадат коски, во Македонија повеќе нема да има кој да го слуша Мицкоски за коски. Мигрантите, економските работници, тие 100.000 што планира да ги увезе и да ги замени младите со нив, за коски од минатото нема да знаат ништо. Единствените коски што ќе останат се коските на трпезата“, велат од СДСМ.