Предизборен молк: заштита на гласачот или формалност од друга ера?
Во Србија и Бугарија денеска улиците се тивки, говорниците празни, митинзите завршени. Утре Србија гласа на предвремени парламентарни избори, свикани од претседателот Александар Вучиќ по речиси две години антивладини протести, а Бугарија избира претседател, со можен втор круг на 1 ноември. И во двете земји законот бара од политичарите денеска да замолчат, а од гласачите да се повлечат на размислување.

Правилото има едноставна цел: на гласачот да му се даде мирен простор пред да донесе одлука. Тоа стои во законите на многу демократии со децении, иако дигиталното доба го става на тест во секоја изборна ноќ, од Балканот преку Европа до Индија и Шри Ланка.
Сепак, во 2026 година тој простор повеќе не е тивок. Додека радијата и телевизиите, како и печатените медиуми го почитуваат прописот, кампањата продолжува на екраните на телефоните: во спонзорирани објави, видеа, пораки и споделувања што никој не може да ги запре на полноќ. Затоа сè почесто се поставува прашањето: дали предизборниот молк е надминат концепт или сè уште има демократска вредност?
Правило со глобален опсег
Станува збор за далеку од маргинална практика. Според Стефан Дарнолф, виш глобален советник во Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), цитиран од Аксиос во октомври 2024 година, од околу 119 земји и територии со избори во 2023 и 2024 година, 79 имале некаков период на предизборен молк. Најчесто трае од 24 до 48 часа, а во некои држави опфаќа и објавување анкети. Дарнолф истакнува дека молкот не служи само за размислување на гласачите, туку и за смирување на тензиите. Државите, вели тој, „сакаат да ја разладат температурата“ во земјата. Исклучок се САД, каде што кандидатите можат да ги привлекуваат гласачите до затворањето на гласачките места.

Според Дејвид Керол од Центарот „Картер“, интернетот претставува дополнителна пречка, бидејќи корисниците на социјалните мрежи можат да продолжат да шират информации и кога кампањата формално запрела. Дури и Мета, од 2020 година, на своја рака ја ограничува објавата на нови реклами за политички и општествени теми во последната недела пред изборите. Сепак, веќе постоечките реклами продолжуваат да циркулираат.
Законот од една друга епоха
Критичарите најчесто го истакнуваат јазот меѓу времето кога правилата биле пишувани и времето во кое се применуваат. Во Италија, на пример, молкот е пропишан уште со Законот бр. 212 од 1956 година, кој ги забранувал собирите и новите плакати 24 часа пред гласањето, а подоцна бил проширен и на приватните радио и телевизиски станици. Како што забележува италијанскиот весник Кориере дела Калабрија, законот никогаш не го прилагодил јазикот кон дигиталниот свет, па така „молкот“ владее на улиците, а на социјалните мрежи кампањата живее понатаму.
Слично размислуваат и коментаторите на малтешкиот Малта индипендент (мај 2026), кои пишуваат дека законот „припаѓа на друга ера“, кога комуникацијата била ограничена и лесна за регулирање. Денес печатените весници мора да ги почитуваат ограничувањата, но нивните онлајн-изданија остануваат слободно достапни. Објавите, интервјуата и говорите поставени до полноќ продолжуваат да циркулираат, а завршните апели на партиите се оддалечени само еден клик. Билбордите и плакатите остануваат на улиците како неспорна политичка реклама во ден наменет за тишина.
Малтешките коментатори додаваат дека политичката активност не запира ни приватно: кандидатите им се јавуваат на гласачите, партиите организираат превоз, а разговорите во тој ден тешко дека се за спорт или за времето. Нивниот заклучок е дека „денот на молк“ станал молк само по име.
Индија: молк на улиците, бучава онлајн
Истиот проблем се јавува и во Индија. Уредувачкиот коментар на Бизнис стандард од февруари 2025 година тврди дека 48-часовниот молк „го надживеал својот корисен век“. Фазното гласање и социјалните мрежи, вклучително и инфлуенсерите, го прават правилото речиси бесмислено, а зголеменото фактичко прекршување речиси целосно ја поништило неговата ефикасност. Како решение, весникот предлага да се оди кон американскиот модел, со забрана која ќе се однесува само на просторот околу гласачките места.

Конкретна слика од терен дава Тајмс оф Индија (јануари 2026) во извештајот од локалните избори во Нагпур. Официјалната кампања завршила во вторник навечер, но „периодот на тишина“ останал ограничен главно на улиците. Кандидати и поддржувачи продолжиле да објавуваат фотографии, видеа и рилси (reels) на Фејсбук, Инстаграм, Икс и Вотсап, а некои споделувале и содржини што директно ги напаѓале противниците. Дел од кандидатите целосно се воздржале. Во неколку случаи главната улога во ширењето материјали ја презеле поддржувачите, со што границата меѓу официјална кампања и индиректна промоција се замаглува. Висок изборен службеник изјавил дека станува збор за јасно прекршување и дека ќе се преземат мерки, но изворите признаваат дека следењето на онлајн-активноста е многу потешко од физичката. Заклучокот на медиумот е дека дигиталните простори стануваат ново бојно поле дури и за време на „тивките“ периоди.
Бројките од Шри Ланка
Најконкретни докази за обемот на проблемот дава студијата на Демокраси рипортинг интернешнал (ДРИ) за парламентарните избори во Шри Ланка во 2024 година, која во март 2026 година ја пренесе Сајлон тудеј под наслов „Дигиталните празнини во прописите ја поткопуваат изборната тишина во Шри Ланка“ (Digital Loopholes Undermine SL’s Election Silence Period).
Од вкупно 22.974 политички реклами на Фејсбук и Инстаграм во шестнеделниот период околу изборите, 6.712 (околу 29%) биле активни во некој момент од 48-часовниот молк, а 1.142 биле создадени токму во тој период. Иако околу 94 отсто подоцна биле отстранети, на првиот ден од молкот сè уште биле активни 3.963 реклами, а на денот на изборите 412. Повеќе од половина од рекламите (56,4%) потекнувале од трети страни без јасна поврзаност со партии или кандидати, што дополнително го отежнува спроведувањето на законот. Рекламите биле плаќани во 30 различни валути, при што во над 72 отсто во американски долари.
Заклучокот на ДРИ е дека проблемот не е во недостигот од правила, туку во нивното спроведување во дигиталниот простор. Извештајот завршува со реченицата: „Молкот може да остане во законот, но не и во практиката“.
Спротивната страна: молкот сепак штити
Сепак, не сите се согласуваат дека правилото треба да се укине. Во Полска, каде што забраната трае од полноќ пред изборите до затворањето на гласачките места, дебатата ги дели експертите. Д-р Јацек Хаман од Универзитетот во Варшава го брани прописот: според него, тој ги штити гласачите од агресивна кампања и манипулативни анкети. Иако признава дека има прекршувања на социјалните мрежи, нагласува дека правилото сепак им служи на помалку ангажираните гласачи, бидејќи го намалува информативниот притисок во последен момент. Од друга страна, проф. Магдалена Мусјал-Карг од Универзитетот „Адам Мицкевич“ посочува дека во САД и Велика Британија такви ограничувања воопшто не постојат, дека спроведувањето на молкот онлајн е речиси невозможно и предлага забраната да остане во и околу гласачките места, а онлајн-кампањата да биде дозволена со појасно означување на спонзорираната содржина.

Дебатата има и уставна димензија. Професорката Мелања Салазар од Универзитетот „Медитеранеа“ во Реџо Калабрија, во интервју за Кориере дела Калабрија (октомври 2025), објаснува дека молкот ја поддржува слободата на гласање од членот 48 од италијанскиот Устав. Таа се повикува на ставот на Уставниот суд дека ниту едно право, па ни правото на информирање, не е апсолутно и може да се ограничи ако ограничувањето е разумно и оправдано со заштита на друго уставно начело. Според неа, молкот создава простор за размислување, но тој не е празнина во која поединецот одлучува сам, туку простор во кој гласачот одлучува и преку разговор со најблиските. Таа, исто така, предупредува дека секоја реформа мора да ги земе предвид и дезинформациите и вештачката интелигенција.
Прилагодување наместо укинување
Меѓу укинувањето и неспроведувањето постои и трет пат: прилагодување на правилото. Непал, пред парламентарните избори во март 2026 година, воведе 48-часовен период на „ограничена јавност“ кој изрично ја забранува кампањата преку платформи како Фејсбук, Тикток, Икс, Јутјуб и Инстаграм, а од кандидатите и партиите бара да ги отстранат и промотивните објави споделени пред почетокот на молкот. Следењето на социјалните мрежи го презема посебна Единица за промовирање на информативен интегритет, поддржана од експерти за сајбер-безбедност од полицијата, армијата и телекомуникацискиот регулатор. Тоа е токму оној механизам кој, според ДРИ, недостасува во Шри Ланка: систематско следење, а не само забрана на хартија.
Кипар, пак, при парламентарните избори во мај 2026 година, ја прецизираше линијата на дозволеното. Онлајн-рекламите, платени или неплатени, како и линковите што водат до профили на партии или кандидати, мораа да се отстранат, а објавувањето нова кампањска содржина беше забрането. Содржината објавена пред почетокот на молкот смееше да остане на интернет, како и веб-страниците на партиите и кандидатите, бидејќи пристапот до нив зависи од иницијативата на самиот корисник. Со други зборови, законодавецот прави разлика меѓу активно туркање на порака кон гласачот и пасивно присуство на веќе постоечка содржина, што е можеби најреалистичниот начин да се одреди што молкот воопшто може да опфати во онлајн-светот.
Наместо заклучок
Од Валета до Нагпур и Коломбо, дијагнозата е слична: правилото пишувано за митинзи и плакати тешко се применува во свет на алгоритми и спонзорирани објави. Но, аргументите се поделени. Едни велат дека молкот станал празна формалност и дека реалниот одговор е целосно слободна онлајн-кампања со јасна транспарентност. Други дека самата идеја за мирен простор пред гласање е вредна да се зачува, па затоа треба да се модернизира наместо да се укине. Примерите од Непал и Кипар покажуваат дека модернизацијата е возможна, но барем во Шри Ланка податоците покажуваат колку е тешко без соработка со платформите. Можеби вистинското прашање не е дали „изборниот молк“ е надминат, туку дали државите се подготвени да ги обезбедат средствата за негово спроведување, или е подобро да се замени со правила за транспарентност и забрана за пропагирање околу гласачките места.
(МИА- Сања Костовска)