ВМРО-ДПМНЕ за 23 Октомври: Да ја градиме државата со чесност, знаење, труд и одговорност
ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порачувајќи дека македонската државност претставува наследство од минатите генерации, но и обврска за создавање подобра иднина, особено за младите.
„23 Октомври нè потсетува дека Македонија е наследство од предците, одговорност на сегашноста и аманет за идните поколенија“, се наведува во партиската честитка.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на 23 октомври 1893 година, кога била основана Македонската револуционерна организација, која, како што истакнуваат, одиграла значајна улога во борбата за слобода, автономија и национално достоинство.
Според партијата, македонските револуционери ги поставиле темелите на борбата за правото на македонскиот народ самостојно да ја гради својата иднина, да ги негува јазикот, културата и традициите и достоинствено да живее во сопствена држава.
„Овој ден е сведоштво за непокорот на еден народ, за силата на една идеја и за вековниот стремеж на Македонците да живеат слободни, свои на своето, во сопствена држава“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во честитката се нагласува дека почитувањето на револуционерното наследство не треба да се сведе само на одбележување на историските настани, туку и на одговорност за развојот на државата.
Посебен акцент е ставен на создавањето услови младите да останат во Македонија и тука да ја градат својата иднина.
„Наше е да ја градиме државата со чесност, знаење, труд и одговорност, да се стремиме кон правда, демократија и просперитет, да создаваме општество во кое младите ќе имаат причина да останат, да учат, да работат и да ја остваруваат својата иднина во сопствената татковина“, се наведува во честитката.
Од партијата испраќаат и порака за единство, нагласувајќи дека различните ставови не треба да бидат пречка за заедничка грижа за државата.
„Нека 23 Октомври биде потсетник дека единството не значи сите да размислуваме исто, туку да знаеме дека љубовта кон татковината, почитта кон нашата историја и грижата за идните поколенија се вредности што нè обединуваат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Честитката завршува со повик да се зачува наследството на револуционерите и да се продолжи изградбата на слободна, достоинствена и просперитетна Македонија. објави Скопје1.мк