ВМРО-ДПМНЕ го нападна првиот синдикалец во УПОЗ дека „се луксузира“
Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, порача денес на прес конференција дека синдикалните членарини не смеат да служат за привилегирани патувања и „луксузни игри“ на Јадранот, мислејќи под таа фраза на спортските синдикални игри на кои учествувал УПОЗ, синдикат што не успева да го исконтролира власта.
„Работниците во Македонија заслужуваат чесно, одговорно и транспарентно синдикално претставување, а не раководства кои од нивните членарини организираат скапи патувања и луксузни спортски настани надвор од Македонија.
Деаноски со 60.000 евра, пари на синдикалците, организирал четиридневни спортски игри во Чањ, Црна Гора, и со него повел привилигирани членови на синдикатот кои се членови и на СДС. И затоа, наместо да шири празни флоскули и демагогии, треба да каже дали се точни информациите кои ги добивме од свиркачи во синдикатот, дека на спортските игри предност имале да одат оние кои заедно со него и Трендафилов протестираа, а воедно се членови на СДС?
Наместо УПОЗ и ССМ да бидат целосно посветени на заштита на работниците, нивното раководство предводено од Деаноски и Трендафилов се повеќе покажува дека го губи компасот и дека се оддалечува од базата, од членст.вото и од реалните потреби на народот. Деаноски и Трендафилов треба повеќе да работат и да се трудат да го полнат џебот на работниците, а не да живеат на сметка на истите, изјави Петрушевски, обвинувајќи ги синдикалците за трошењето нивни – а не државни пари.
„Децидно ги демантирам обвинувањата на владејачката гарнитура на чело со пратеникот Бране Петрушевски, кој со денови ме обвинува дека сум трошел синдикални пари“, вели претседателот на УПОЗ, Трпе Дејаноски. Првиот човек на гранковиот синдикат кој е дел од ССМ вели дека нападите се тенденциозни поради борбата на синдикатите за поголеми рабoтнички права кои им пречат на власта.
„На настанот во Црна Гора се одржаа синдикални спортски игри, 31-ви по ред што ги организира Синдикатот на УПОЗ, кои од сопствен џеб ги плаќаат учесниците. Игри на работниците, платени од работниците, за работниците. Ништо тајно, ништо луксузно, ништо скриено. Ама ете, кога синдикатот ќе стане премногу гласен за правата на работниците, за минимална плата, за живот што станува сè поскап, е тогаш одеднаш „луксуз“ стануваат дури и спортските игри. Интересно? Кога работниците плаќаат за своите игри одеднаш проблем. Кога работниците плаќаат за политичарите тогаш е добро. Тоа е разликата. И уште еднаш, народски кажано. Кога некој зборува од позиција на имунитет, лесно е да се лаже и измислува. Синдикатот на УПОЗ ќе продолжи да се бори за достоинствени плати, за чесни услови, за работникот да не биде последен во сопствената држава. А кој се плаши од таа борба, нека објаснува што сака. Работниците многу добро знаат кој е со нив“, напиша тој на ФБ.
Инаку, обвинувањата помеѓу синдикалната организација и власта не се новина. Претходно недоразбирања и серија обвинувања имаше и кон претседателот Трендафилов, кој имаше повеќе прозивки со пратеникот Петрушевски. Несогласувањата помеѓу синдикатите и власта дополнително се актуелизираа откако беше објавена синдикалната кошница за мај која изнесува 68.743 денари според пресметките на ССМ, а на економско-социјалниот совет се очекува да биде ставена на дневен ред владината кошничка.