Николоски: Првите километри од патот Прилеп-Битола ќе бидат готови следната пролет


Изградбата на автопатот Прилеп-Битола се одвива со одлична динамика, а првите километри од новата автопатска делница се очекува да бидат готови веќе следната пролет. Ова денеска го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила, оценувајќи изградбата на автопатот ќе има големо значење за развојот на целиот Пелагониски регион.

„Динамиката на изградбата на автопатот Прилеп-Битола е одлична, работиме со одлично темпо, роковите ќе бидат запазени. Очекувам веќе следната пролет да ги имаме првите километри автопат на овој потег, што многу ќе значи за движењето, за економијата и за поврзувањето не само на Прилеп и Битола, туку и на општините Могила и Новаци, како и на Ресен и Демир Хисар”, изјави Николоски.

Тој нагласи дека новата автопатска делница ќе придонесе за подобра сообраќајна поврзаност, побрз транспорт и нови можности за економски развој на регионот.

„Тоа многу ќе значи за заживувањето на целиот овој регион и за поттикот на економијата, имајќи предвид дека значаен дел од економијата е токму во Пелагонискиот регион”, додаде Николоски.

Николоски најави исто така дека мМеѓуградскиот воз меѓу Прилеп и Битола се очекува да почне да сообраќа кон крајот на јуни или почетокот на јули, а паралелно се работи и на воспоставување на карго железнички сообраќај кон двата града. Според Николоски, повторното воведување на железничката линија е дел од напорите да се обезбеди алтернативен превоз додека трае изградбата на автопатот Прилеп-Битола.

„Имајќи предвид дека се гради автопатот Прилеп-Битола и дека се користи стариот пат, сметавме дека е добро да се воспостави еден меѓуградски воз. Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата и особено патните премини и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција“, изјави Николоски.

Тој најави дека линијата ќе биде пуштена во употреба во рок од еден месец и ќе сообраќа во термини кои ќе им одговараат на граѓаните.

„На крајот на јуни или почетокот на јули ќе биде воспоставена линијата помеѓу Прилеп и Битола. Цената на билетот ќе биде симболична, околу 150 денари, со цел што повеќе граѓани да ја користат оваа услуга“, рече министерот.

Николоски информираше и дека се подготвува старт на товарниот железнички сообраќај кон Прилеп и Битола, посочувајќи дека веќе има интерес од компании кои сакаат да го користат железничкиот транспорт за превоз на стоки.

Според него, активирањето на железницата ќе придонесе за намалување на загадувањето, заштита на патната инфраструктура и повторно заживување на железничкиот транспорт во регионот.

Од Министерството за транспорт велат дека се преземаат сите неопходни активности за воспоставување и на патничкиот и на товарниот сообраќај, а компаниите ќе добијат можност за поекономичен транспорт на суровини и производи.