ВМРО-ДПМНЕ: Димитров да не глуми генерал по војна

Сите го напуштаат бродот на Заев управуван од Ковачевски, затоа што е јасно дека тој тоне, порачаа денес од ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференцијата на вицепремиерот Никола Димитров на која рече дека не се повлекол сам од функцијата туку не го вклучиле во новата влада бидејќи се разишол во ставовите за спорот со Бугарија. .
„Сфаќаме дека за кариеристот Никола Димитров менувањето од министерската позиција е негов најнесреќен ден и затоа барем кариеристот Димитров нека не глуми генерал после војна и дека наводно бил жртва на ‘злобната’ Бугарија, туку тој е жртва на својата неспособност и распродавањето и поигрувањето со државните интереси. Наместо Европа во Македонија, СДСМ Заев и Димитров ја однесоа државата во ќор-сокак во однос на европските интеграции.
Димитров е кариерист кој ги заплетка и комплицираше односите со сите наши соседи и го поларизираше општеството. Задоцнета е грижата на кариеристот Димитров за националните и државни интереси бидејќи беше првиот кој ги продаваше кога СДСМ беше во налет и цврста власт, и целосно ги игнорираше предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега неговата грижа, освен што е лажна и лично мотивирана, таа е и задоцнета“, порачаа во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.