Владата за плата од 24 илјади денари ќе ангажира невработени лица за справување со пожарите


Фото: Б. Грданоски

Владата ќе ангажира невработени лица кои ќе помагаат во справување со пожарите. Програмата се спроведува за првпат и ќе значи зачувување на природата, велат оттаму.

-Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица кои ќе бидат ангажирани во јавни работи, со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување. Секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24 илјади денари. Сите оние кои што ќе покажат особен интерес и посветеност по одржувањето на оваа мерка, ќе бидат трајно ангажирање во институциите кои се надлежни за оваа работа, изјави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.

Според Митева, пријавувањето на лицата ќе биде преку јавен повик, објавен од општините. Допрва ќе се утврдува на кој начин ќе биде проверена физичката активност на пријавените лица.

Со мерката се опфатени 14 општини кои имаат територијални противпожарни единици. Струмица и Кочани не поднеле апликација.

„Ги повикувам сите граѓани, особено помладите, оние коишто немаат работа, бараат работа и оние шкоишто бараат работа со малку поголем предизвик, … да се пријават на огласите коишто ќе бидат распишани од страна на општините. Во Скопје, лицата коишто ќе се пријават на огласите на Општина кисела Вода, очекуваме бројката да биде од 80 до 100, ќе бидат распоредени во тимовите на единицата за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување, истите ќе поминат кратка обука, а потоа од најдобрите од нив ќе гледаме да одбереме луѓе за новата единица којашто е во тек на формирање односно, специјална единица за заштита и спасување“, рече директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

Тој вели дека сумата можеби не е примамлива, но вели сите што ќе покажат добар успех, ќе имаат можност за трајно вработување во локалните противпижарни единици.

Новите кандидати ќе бидат дополнително проверувани, здравствено и психофизички.