Владата прогласи кризна состојба во Гостивар од 30 дена


Фото: Б. Грданоски

 

Владата на денешната седница, на предлог на Управувачки комитет во состав министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Дирекција за заштита и спасување Стојанче Ангелов, донесе одлука за прогласување на кризна состојба во Општина Гостивар во рок од 30 дена.
 
Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување на кризна состојба се со цел побрза координација на институциите како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување на вода за пиење во најкраток можен рок.
 
Владата соопшти дека здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува нејзин фокус и е посветена кон целосно решавање на овој проблем. Владата очекува Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, одговорност мора да има за секој еден што го ставил во ризик здравјето и животите на гостиварци.
 
Воедно, Владата на денешната седница, на предлог на министерот за здравство, го именува Златко Перински за вршител на должноста директор на Фондот за здравствено осигурување. Перински е магистер по менаџмент на човечки ресурси.