Ферати на одбележувањето на Охридскиот договор: Осврт кон минатото, но и можност да се разговара за предизвиците


По повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Министерството за односи меѓу заедниците организираше панел-дискусија на која учествуваа професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓански организации. Министерот Агон Ферати порача дека јубилејот не треба да биде само осврт кон минатото, туку и можност да се разговара за иднината и предизвиците што претстојат.

„Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и, особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите“, истакна Ферати.

Тој нагласи дека младите се најголемиот ресурс на државата за создавање поразвиено и постабилно општество, како и за подобрување на животниот стандард.Ферати оцени дека ваквите средби можат да придонесат за поголема толеранција, меѓусебно разбирање и соработка меѓу заедниците. Според него, отворениот и конструктивен дијалог е неопходен за создавање нова култура на политички и општествени односи.

„Таквиот отворен и конструктивен дијалог би бил силна порака до јавноста и темел за градење на нашите внатрешни капацитети за нова култура на политички и општествен дијалог“, рече Ферати.

Министерот се осврна и на организацијата на настанот, посочувајќи дека за само 20 дена од преземањето на функцијата, заедно со тимот на Министерството, успеале да организираат инклузивна дискусија со учество на различни профили и перспективи.

Ферати изрази очекување панелот да понуди конкретни идеи за тоа како земјата може да продолжи да гради поинклузивно општество и да одговори на предизвиците во годините што следуваат. 

Од Министерството за односи меѓу заедниците информираат дека денеска во Клубот на пратеници ќе се одржат неколку панел-дискусии, а утре ќе се одржи главниот настан во 19:30 часот на Камениот мост – Скопје.

На панел-дискусијата на темата „Охридскиот рамковен договор и патот кон европската интеграција“ ќе говорат Кларис Пастори, дипломатка на ОБСЕ со долгогодишно искуство на Западен Балкан, Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово, Костадин Костадинов, поранешен градоначалник на Општина Струмица, Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања и Азиз Положани, поранешен дипломат и универзитетски професор.

На втората панел-дискусија на тема „Иднината на Охридскиот договор и градењето одржлив мир“, панелисти ќе бидат Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Агoн Ферати, министер за односи меѓу заедниците, Илир Кула, експерт за регионални прашања и дипломатија, Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир и Аделина Марку, дипломат и колумнист.

Фокусот на вториот панел е на значењето на Договорот за стабилноста, меѓуетничкиот соживот и демократскиот развој на земјата. Дискусијата, како што посочуваат, ќе понуди различни политички, институционални и дипломатски перспективи.

-На вториот панел ќе бидат разгледани политичките и регионалните аспекти на Договорот, со посебен акцент на неговата имплементација и предизвиците на иднината. Ќе биде истакната и улогата на институциите во зајакнувањето на односите меѓу заедниците. Посебно внимание ќе биде посветено на значењето на стабилноста и меѓуетничките односи во европската перспектива на земјата,наведува организаторот.

Третиот панел е на тема: Децентрализацијата и локалниот развој како столб на демократијата и социјалната кохезија, на кој панелисти ќе бидат: Александар Кржаловски, експерт за граѓанското општество, Проф. д-р Демуш Бајрами, истражувач на општествени студии и универзитетски професор, Енвер Хусеин, поранешен заменик-министер за труд и социјална политика, Неџдет Мустафа, заменик-министер за односи меѓу заедниците и Александар Чомовски, новинар и колумнист.

-Дискусијата ќе се фокусира на значењето на децентрализацијата и локалниот развој за зајакнување на демократијата и подобрување на животот на граѓаните. Ќе се разгледа потребата од пофункционални локални институции, поголема вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки и создавање еднакви можности за развој во сите заедници. Значаен дел од дискусијата ќе биде посветен на односите меѓу заедниците, дијалогот и соработката како важни фактори за социјалната кохезија. Ќе биде истакнато дека одржливиот локален развој и правичната застапеност на етничките заедници можат да придонесат кон градење подемократско, инклузивно и одржливо општество, наведуваат од Министерството за односи меѓу заедниците.