Владата прави стратегија против омразата


„Едно општество за сите“ беше еден од клучните слогани во политичката стратегија на актуелната власт за соборување на режимот на Никола Груевски пред две години. И покрај обвинувањата на политичките противници дека станува збор за флоскула испразнета од секаква суштина, власта не отстапува од заложбите да создаде општество во кое секој ќе има еднаков пристап до образование, вработување, здравство и заштита од какво било насилство, без оглед на етничката и религиска припадност. По неполни шест месеци работа на „Нацрт стратегијата за едно општество за сите – интеркултурализам“, таа влегува во финална фаза, во која ќе се отворат неколку вида дебати за да може да биде и конечно утврдена.

– Документот е важен за нашата мултиетничка земја, која треба да биде навистина урнек и пример за многу земји во кои мултикултурализмот и интеркултурализмот се нивна одлика – рече премиерот Зоран Заев, кој додаде дека успешниот модел ќе може трајно да се вгради во системот на нашето заедничко живеење. Целта е надминување на поделбите, на конфликтите, на омразата и на сето она што беше типично за едно минато време и посветување на вредностите што се важни за сите граѓани – квалитетен економски живот, рамноправност пред институциите и еднакво граѓанско општество.

„Целта е да изградиме општество во кое буквално сите ќе се чувствуваат свои на своето“, посочи Заев.

Во стратегијата Владата таксативно ги наведе политичките потези во таа насока. Меѓу нив и формирањето на албанскиот државен ансамбл, како и Законот за употреба јазиците, кој целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека нацрт-стратегијата е доказ за градење заедништво, солидарност, сплотеност во нашето општество, како единствен вистински правец на развојот на нашата заедница.

– Тоа целосно ќе го стесни просторот на националниот шовинизам и лажните вредности и поделби што тој ги промовира. Свесни сме дека нашата држава не е сè уште имуна на овие поделби и нетрпеливости. За жал, тука сè уште постојат одредени политики што му припаѓаат на минатото, политики што се уште промовираат лажни поделби, кои долгорочно може да имаат сериозни последици врз нашето општество, политики, целосно спротивни на духот и вредностите што ние како Влада ги промовираме – рече Дескоска.

Отворањето преговори со ЕУ ќе значи отворање на поглавјето правосудство и основни човекови права, во чиј составен дел се и прашањата на почитување на културната, верската и јазичната разноликост, како и мерките против расизам, ксенофобија, дискриминација.

– Стратегијата ќе даде дополнителен прилог побрзо да го поминеме овој дел на преговорите, што треба да резултира со усогласување на законодавната и институционалната рамка на основните човекови права, што треба да ги содржи гаранциите за еднаквост, забрана за дискриминација, почитување на културната, верската и јазичната разноликост – рече Дескоска. Според неа, во тој дел нашата законска рамка во многу аспекти е усогласена со правото на ЕУ, во некои дури и е над европската, но некаде треба и подобрувања.

Алберт Муслиу, извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, истакна дека визијата на овој документ е признавање на сите различности, гарантирање и обезбедување, еднаквост, еднакви можности, вклученост на граѓаните во одлучувањето и постигнувањето општествена кохезија.

– Ние веќе имаме препознаена мултиетничност како во општеството така и во уставно-правниот поредок, но таа треба дополнително да се развие, да се унапреди, за да постигнеме интеркултурна комуникација и интеркултурно општество, што ќе обезбеди реална и продуктивна кохезија за сите – рече Муслиу. (Н.К.)