Орце Ѓорѓиевски во посткампања – теренот бил негова природна средина


Градоначалникот на Скопје, орце Ѓорѓиевски, од денеска најавува голема теренска посета во сите скопски општини, а со гласот на граѓаните, ќе се обиде да го води градот.

Средбите со граѓаните ги почнува по нешто повеќе од шест месеци по преземањето на функцијата, откако пред тоа се среќаваше со граѓаните за да ги слушне нивните желби, барања и потреби, со кои ги освои локалните избори и стана градоначалник на Скопје. 

Што очекува да слушне овојпат, како градоначалник, останува да видиме, а со него најавува дека ќе ги носи и директорите на јавните претпријатија. 

„Вашиот глас, вашите потреби и вашите барања се нашата водилка во визијата за достоинствено, уредено и модерно Скопје. Затоа, започнуваме досега најголема теренска посета низ сите скопски општини. Доаѓаме директно кај вас, во вашата општина.
Ќе ги слушнеме проблемите од лице место, ќе направиме увид во проектите што се започнати, ќе разговараме за она што треба да се реализира и ќе ги решаваме работите таму каде што најмногу значат, меѓу граѓаните“, порачува актуелниот градоначалник.

„Заедно со мене ќе бидат и директорите на јавните претпријатија на Град Скопје, како и претставници од градските сектори, за граѓаните директно да постават прашања, да дадат предлози и да добијат конкретни одговори, но и брза реакција, брзо решение. Теренот е мојата природна средина“, вели Ѓорѓиевски.

Потсетува дека за само шест месеци успеале да откочат, да започнат и да реализираат бројни проекти кои со години биле заборавени, заглавени или оставени без волја за работа, веројатно заборавајќи дека токму неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ кои беа најбројни во Советот на Град Скопје, под водство на градоначалничката Данела Арсовска ги закочија истите тие проекти (клучката Момин Поток, мостот „Михајло Апостолски“, мостот „Љубљанска“, набавката на нови автобуси за потребите на ЈСП, БРТ системот, подземната сообраќајница „Лимак“ и многу други).

Средбите со граѓаните Ѓорѓиевски ги почнува од Кисела Вода, каде до пред шест месеци беше градначалник токму тој.

Првата средба ќе ја има во Домот на култура „Билјана Беличанец“, утре (среда) во 19.30 часот. (Б.Б.)