Орце да го подбере директорот на ЈСП: Муслиманите да возат на Задушница, христијаните на Бајрам


Фото: Б. Грданоски

Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) го повика градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски да побара од менаџментот на ЈСП Скопје да седне и да разговара со синдикалните организации и да најдат решение за сите отворени прашања, за да не се случи вработените повторно да тужат.

Гоце Делчев Тодев, генерален секретар на КСОМ, на денешната прес-конференција пред Инспекторатот за труд, изјави дека уште денес е потребно да најде решение, бидејќи има големо незадоволство меѓу вработените, кои и досега имаат голем број тужби против претпријатието за неисплаќање на додатокот за работа на празник.

-Сакаме да го информираме Градот Скопје, поточно до сите оние кои се менаџмент во ЈСП. Има голема реакција од сите вработени во ЈСП кои имаат сериозна забелешка во изминатиот период во делот на правење на распореди на сите возачи во ЈСП. Станува збор за следно: луѓето кои се од муслиманска вероисповед бараат утре да бидат слободни за да се направи распоредот за тие бидат на работа во петок, во однос на православните кои во петок имаат Задушница и утре да го покријат распоредот. Празниците се третираат како недела, за да не се случи луѓето во некој нареден период да мора да ангажираат адвокати, па да си ги бараат правата, бидејќи и онака има голем број тужби во ЈСП, изјави Делчев Тодев.

Тој рече дека во изминатиот период, градоначалникот на Скопје се жалел дека имал многу тужби, а ако ова продолжи и тужбите ќе продолжат. Објасни дека дел од раководството на ЈСП не сака да го послуша независниот синдикат и дека затоа мора јавно да ја пренесат состојбата во ЈСП која не е нималку сјајна.

-Им порачуваме на градските татковци и власти да го слушаат гласот на синдикатите оти тужбите ќе стигнат за многу брзо време. Ова сметам дека многу побрзо ќе стигне до Кабинетот на градоначалникот да го подбере директорот на ЈСП да ги седне сите оние кои имаат обврска да ги прават распоредите за работа во ЈСП и да го слушнат секој синдикат затоа што работите не чинат, изјави Делчев Тодев.

Тој најави дека до трудовиот инспекторат ќе достават барање за да излезе инспектор во ЈСП да ја констатира оваа состојба и дека со тоа сакаат да пренесат дека треба да престанат со самоволие во ЈСП и Градот Скопје.

-Од информации кои ги имаме седум адвокати имаат над 350 предмети во ЈСП. Она што го имаме како судска пракса од судовите кои имаат пресуди за вработените во ЈСП говори за тоа дека празниците не се плаќаат односно се евидентираат на начин кој не е соодветен на законот за работни односи и тука адвокатите имаат најдено решение преку вештаците доаѓаат до решение за исплата на празници, истакна Делчев Тодев.

Додаде дека има околу 360 возачи во ЈСП, од кои 107 се од муслиманска вероисповед. Според него, во случајов членовите на независниот синдикат се чувствуваат дискриминирани и апелираше надлежните да реагираат.

-Апелот е итно денес ова да се пренесе до сите надлежни во ЈСП, за да го слушнат гласот на работникот. И онака ги нема доволно и од тоа што го гледаме во Белград, од одредени граѓани од азиските држави, ќе ни се случи за многу кратко време и во Скопје. Ќе нѐ возат луѓе кои не ни знаат каде се наоѓа Балканот, па ќе се чудиме што ќе биде со државата, изјави Делчев Тодев.

Тој објасни дека тужбите се главно за неисплатени надоместоци на плата.

-Конкретно во случајот верскиот празник, ако вработениот кој е верник и работи на верскиот празник, работодавачот е обврзан да му биде исплатена плата зголемена за тој процент колку е предвидено со Општиот колективен, посебен Колективен договор и Законот за работни односи. Прашањето е многу едноставно нека седнат со трите синдикати за да ги расчистат работите за да ги избегнат потенцијалните тужби, рече на денешната прес-конференција Делчев Тодев.