Обвинителство ќе го испитува случајот со наставникот по ликовно од Битола
Стефан Поповски цела година одел на работа без да му се платат часовите, а не би известен за тоа. Кога го дозна тоа бил избркан од училиштето „Тодор Ангелевски“
БИТОЛА – Бура од реакции во јавноста предизвика сторијата објавена во „Независен“ за случајот со наставникот по ликовно образование од Битола, Стефан Поповски, кој цела година држеше часови во ОУ „Тодор Ангелевски“ во Битола без да му бидат платени. Згора на тоа училиштето ниту го известило дека имал наводен отказ од работа од 29 јануари 2025 година, за тоа дознал минатата недела кога си ги побарал сработените пари и стажот.
Скандалозно е како наставникот над една година го оставиле да држи часови, да има пристап до е-дневникот, да пишува оценки, да оди на Наставнички совет да се потпишува за присуство, да води евиденција, сѐ како што прават и редовно вработените наставници без да му кажат дека има непотпишан отказ и дека за него нема пари и стаж за четири наставни часа.
За случајот со наставникот Стефан Поповски, кој можеби не е единствен во државата, но доби јавност, се вклучи и ОЈО од Битола. Во петокот доцна вечерта наставникот со документи и аргументи го претставил случајот пред битолските истражители.
Денеска ОЈО Битола за „Независен“ потврди дека ќе го испитува случајот со наставникот Поповски.
„До Основното јавно обвинителство Битола е доставена пријава и се проверуваат наводите“, одговорија од Служба за односи со јавноста на ОЈО Битола.
За скандалозниот случај со статусот на наставникот Поповски, Министерството за образование не беше запознаено сѐ до обелоденувањето на случајот во јавноста.
Во петокот од МОН изјавија: „Министерството за образование не е запознаено со случajот. Со оглед дека основните училишта се под надлежност на општините, ќе побараме подетални информации од локалната самоуправа, која воедно и треба да го надмине предизвикот“.
Денeс од МОН со нова изјава дека известен е Државниот просветен инспекторат, од каде ќе биде извршен инспекциски надзор во училиштето.
„Ве информираме дека сѐ уште се во тек надзорите од страна на надлежните инспекторати. Општинскиот инспектор за образование, Државниот просветен инспекторат и Трудовата инспекција се известени за случајот на барање на градоначалникот на Битола“, потврдија од прес-службата на МОН за „Независен“.
Градоначалникот Тони Коњановски во петокот кажа дека внимателно ги следи случувањата со наставникот од ОУ„Тодор Ангелевски“ и за пропустите на системот.
Коњановски, во петокот доцна попладнето даде налог до Општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите изнесени од страна на наставникот. Се чека извештајот на Општинскиот просветен испекторат.
„Доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето“, соопшти Коњановски. Актуелната директорка Гордана Јоначиќ може да ја разреши само Училишниот одбор по барање на градоначалникот.
„Независен“ ја контактираше и поранешната директорка на ООУ „Тодор Ангелевски“, Наташа Швигир, зошто му дала отказ на наставникот, а тој за тоа да не разбрал цела година и зошто не бил потпишан на документот?
„Без адвокат нема да разговараме“, ни рече во телефонскиот раговор Швигир. Претходната директорка на ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола го има потпишано отказот на наставникот Стефан Поповски, но од приложениот документ на отказот нема потпис од наставникот, само е потпишана Наташа Швигир без службен печат од училиштето.
Актуелната директорка пак, Гордана Јоначиќ, иако вети досега не одговори зошто цела учебна година го ангажирала наставникот на работа, а не бил на платен список. Главното прашање за Јоначиќ е дали се валидни оценките што до минатата недела ги пишувал сега избрканиот наставник?
Како што објавивме наставникот Поповски бил ангажиран во три училишта со цел да оформи полн фонд на часови, исплаќањето на платата било процентуално од секое училиште. Тој не претпоставувал дека бил тргнат од списокот за исплата на плата од подрачното училиште во Горно Оризари при ОУ „Тодор Ангелевски“ Битола. Таму одржувал по четири работни часа неделно (во шесто и осмо одделение), доаѓал на работа, на настава, се ангажирал не само околу наставата туку и околу училишните активности, праќал деца на натпревари, на ликовни конкурси, добивал награди, цртал мурали, но за жал не знаел дека е отстанет од платниот список на училиштето. Тоа го увидел пред два месеци и реагирал, за во четвртокот минатата недела да биде избркан од настава од актуелната директорка Јоначиќ.
„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш веќе нема да работам во образование. Правдата ќе ја барам на суд, судот нека одлучи, а не молкот“, рече Поповски во разговор за „Независен“.
Тој во 2020 година бил ангажиран во три училишта, во ОУ „Гоце Делчев“ и ОУ „Коле Канински“ Битола и ОУ „Тодор Ангелевски“ Битола. Сѐ било регуларно и со согласности од МОН и Општината. Но, како се менувале директори во ОУ „Тодор Ангелевски“ Битола, Стефан бил тргнат од платниот список на наставниот кадар без да биде информиран.
Директорките на ОУ „Гоце Делчев“ и на ОУ „Коле Канински“, каде наставникот Поповски одработува 16 наставни часови, денес потврдија дека кај нив е на платен список и има регулирано работен однос на определено работно време до 31 август годинава.
„Поповски беше единствен пријавен кандидат на огласот објавен за вработување на определено време за наставен кадар во учебната 2025/26 година, со 8 наставни часови, односно 16 работни. Тој има договор до крајот на предметната година, односно до 31.08.2026 година. Спогодба немаме со други училишта, со оглед на тоа дека лицето е вработено на определено време“, изјави Наташа Ставревска директор на ОУ „Гоце Делчев“ Битола.
Истото го потврдува и Дијана Христовска, директорка на ОУ „Коле Канински“: „Наставникот по ликовно образование е работно ангажиран со договор за вработување за 8 наставни часа или 40% работно време на определено работно време. За истото работно време му се исплаќа плата и сите надоместоци по основ на работен однос. Спогодба со други училишта за именуваниот работник училиштето нема склучено од причина што секое училиште е посебен правен субјект и самостојно го регулира работниот однос на вработените.“
Ова значи дека нерегулирани остануваат неисплатените 4 наставни часови и стажот во ОУ „Тодор Ангелевски“ Битола.
Правните застапници на Поповски, Адвокатското друштво „Илиевски, Петровски, Христовски и Додовски“ од Битола по распитот во ОЈО Битола најавуваат дека „во тек е постапка за остварување на правата од работен однос, додека во однос на поведување на други постапки можеме да наведеме дека ги очекуваме резултатите од истрагата и постапките кои се во тек пред надлежните органи. По добивањето на официјалните резултати од истите, доколку има потреба, ќе преземеме понатамошни правни чекори и ќе можеме да дадеме целосно и прецизно правно произнесување во интерес на нашата странка“.