Базенот „Карпош“ пред реконструкција, младите пливачи пред нов предизвик


Базенот „Карпош“ наскоро треба да влезе во голем ремонт, што значи дека еден од најважните објекти за пливачите во Скопје повторно ќе биде затворен на подолг период. Според информациите објавени од „Слободен печат“, се подготвува обемна реконструкција на покривот, коритото, соблекувалните и останатата инфраструктура во објектот.

Точниот датум на затворање сè уште не е познат, ниту колку време ќе трае реновирањето. Но најавата веќе предизвика загриженост кај пливачите и родителите, бидејќи базенот „Карпош“ е клучен простор за тренинзи, особено за младите спортисти кои се во редовен натпреварувачки процес.

Базен што веќе беше затворен пет месеци
Ова не е првпат пливачите да останат без базенот „Карпош“. Во април минатата година објектот беше принудно затворен по оштетување на дел од покривната конструкција. Тогаш беше загрозена безбедноста на корисниците, а најавената едномесечна санација се пролонгираше и траеше околу пет месеци.

Базенот повторно беше отворен на 1 октомври, но со привремено решение, односно со поставени заштитни платна под покривот. Тие требаше да служат како преодно решение додека не се подготви проект за целосна реконструкција.

Сега, според најавите, тој проект влегува во фаза на реализација. Реновирањето треба да опфати повеќе делови од објектот, не само покривот, туку и базенското корито, просторот под него, соблекувалните и придружната инфраструктура.

Се бараат алтернативи за тренинзите
Додека се чека конкретниот план за затворањето, се бараат алтернативни решенија за пливачите да не останат целосно без тренинг. Како можни опции се споменуваат училишни базени во Скопје, базенот во салата „Партизан“, базен во Ѓорче Петров, како и можност дел од пливачите да бидат префрлени на „Олимписки“.

Но проблемот е што не сите базени имаат услови за квалитетен тренажен и натпреварувачки процес. Училишните базени често не ги исполнуваат потребните димензии и длабочина за сериозни пливачки тренинзи, што дополнително ја усложнува состојбата за клубовите и младите спортисти.

Затворањето на „Карпош“ доаѓа како нов удар за пливачката заедница, која и минатата година се соочи со долга пауза поради санацијата на објектот. Ако ремонтот се пролонгира, пливачите повторно ќе бидат ставени во ситуација да импровизираат со тренинзи, термини и услови.

Во град во кој спортската инфраструктура и онака е ограничена, затворањето на еден ваков базен не е само технички зафат. Тоа е проблем за цели генерации деца и спортисти кои зависат од секој термин во вода./Трн