Владата по одлуката на Уставен суд: Создаден е правен вакуум, МФ за 15 дена да подготви измени на Законот за банки


Фото: Б. Грданоски

Владата денеска дискутираше и за дел од актуелните теми, меѓу кои беше и Одлуката на Уставниот суд, кој на денешната седница по иницијативата за оценување на уставноста, го укина членот 163 од Законот за банки, според кој Фондот за осигурување депозити, кој е создаден за да се гарантира исплатата на штедните долгови до 30.000 евра, е прв што ги наплаќа побарувањата кога една банка ќе пропадне.

Со укинувањето на членот е создаден правен вакуум и потребно е донесување на нов Закон кој ќе го дефинира јавниот интерес, заклучија членовите на Владата. Беше донесен заклучок, Министерството за финансии во рок од 15 дена да подготви измени и дополнувања на Законот за банки, со цел пополнување на правната празнина и обезбедување еднаква заштита на штедачите, согласно европските закони кои се почитуваат во државата, се вели во соопштението од владината седница.

Инаку, денеска имало и средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати.

Како што објави премиерот Заев на неговиот фејсбук-профил станува збор за проштална средба со Мурати на кого му посакал успех и среќа во натамошната кариера.

– Уставот е темелот на владеење на правото, а владеењето на правото е најзначајниот елемент на секое општество. Токму Уставниот суд преку заштита на уставноста и законитоста е чуварот на овие вредности, местото каде што се носеле многу важни одлуки за иднината на земјата и се одлучувало за уставноста на многу важни закони, напиша премиерот на Фејсбук.

Заев додаде дека како дел од позитивните реформи во судството ќе биде опфатен и Уставниот суд, кој во наредниот период ќе биде дигитализиран, заедно со останатите судови и околу 200 судници во државата.

– Модернизацијата на овој суд е предвидена во втората фаза од дигитализацијата и таа ќе опфати интегриран информациски систем за потребите на Уставниот суд, истакна премиерот.