Владата интервенира за намалување на ризиците за раст на цената на струјата
Владата на денешната седница донесе измени и дополнувања на Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.
Со предложените измени, во услови на кризна состојба се овозможува ЕВН хоум да не набавува електрична енергија од повластените производители на електрична енергија коишто користат обновливи извори на енергија со што се намалуваат трошоците за набавка на електричната енергија на ЕВН хоум затоа што енергијата наместо од повластените производители ќе се обезбеди преку АД ЕСМ Скопје по пониски цени со што се намалуваат факторите кои влијаат на висината на цената на струјата за крајните корисници.
Дополнително, имајќи ги предвид високите цени на електрична енергија на отворениот пазар на електрична енергија, количините на електрична енергија од повластените производители ќе се распределат кај сите останати снабдувачи и трговци.
-Со тоа ќе се зголеми делот од електричната енергија од повластените производители во вкупното портфолио на снабдувачите и трговците, и тие ќе имаат финансиска корист затоа што просечната цена на електричната енергија од повластените производители во тековниот период е значително пониска од цената на електричната енергија на отворениот пазар, велат од Владата.
Одлуката сепак тешко ќе ги спаси компаниите кои деновиве се избезумени од се поголемите трошоци за електрична енергија. Велат дека на слободниот пазар на електрична енергија е хаос, дека снабдувачите им ги раскинуваат договорите или им нудат други по кои треба да плаќаат по берзанската цена на струјата која варира и минатата недела се продаваше и по над 500 евра за мегават час. Така, ако за октомври платиле за струја 1.100 евра, за ноември треба да платат пет пати повеќе – над 5.300 евра.
Во земјава нема институција која може да ги заштити компаниите и да ги спречи трговците со струја да им ги раскинуваат договорите. Од Регулаторна немаат ингеренции на слободниот пазар. Велат ќе се менува Правилникот и ќе се заострат критериумите кој се може да добие лиценца за трговија и снабдување со струја. Компаниите можат да реагираат и до Пазарната инспекција, но велат казните од инспекторите за снабдувачите се премали, а ако одлучат да тужат- постапките на суд траат предолго. Од Пазарната инспекција пак до сега санкционираа само двајца трговци со струја- компаниите „Мист Енерџи“ и „У Павер“. Тие вкупно беа казнети со глоби од по 13.000 евра.