Со дополнетиот ребаланс на Буџетот уште 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата


Фото: Б. Грданоски

Дополнетиот ребаланс на Буџетот е усвоен денеска на седница на Влада, а во него, како што информира Министерството за финансии, се вградени амандмани со кои се обезбедени дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата.

– Средствата се обезбедени преку прифаќање на амандманите во текот на комисиската расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет по предлог ребалансот на Буџетот за 2022 година. Со нив меѓу другото се решава трајно проблемот со индустриската депонија во Југохром, се обезбедуваат средства за мамографи за болниците во Струмица и Неготино, прочистување на коритото на реките Вардар и Треска, реконструкција на Мороишки мост и изградба на кружен тек, проектна документација за културниот дом Чегране и друго, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Ребалансот на Буџетот, како што посочуваат оттаму, е одговор на кризата, односно се овозможува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите до крајот на годината, во услови на продолжена енергетска и ценовна криза.

Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2022 година вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот или 2,9 проценти. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9 проценти, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП.

Со ребалансот се обезбедуваат 19 милијарди денари повеќе во ставки кои се однесуваат на имплементирање на економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата. Меѓу нив се дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, 3,2 милијарди денари за поддршка на земјоделскиот сектор, 2,4 милијарди денари за гарантиран минимален приход, повеќе средства за предвидениот раст на пензиите, за платите во образование и детска заштита, како и за поддршка на компаниите за субвенционирање на придонесите за минималната плата.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, при што се планирани инвестиции во реконструкции и модернизациии со опрема кај јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и зголемен износ на средства за рурален развој, односно хидро системи, водоснабдителни и канализациони системи, останата водостопанска инфраструктура.

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти придвижен од домашната потрошувачка, која се очекува да забележи раст од 3,3 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5 проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.