„Виз Ер“ воведува летови до Скопје од Будимпешта и Неапол, а до Охрид од Катовице, Вроцлав и Милано


Со субвенции од државата се воведуваат уште пет нови авилинии. До Скопскиот аеродром од 6 април следната година ќе се лета од Неапол и Будимпешта, а до Охридскиот аеродром од 28  јуни од Катовице, Вроцлав и Милано, објавија денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и Јозеф Варади, главниот извршен директор на „Виз ер“.

Николоски соопшти дека „Виз ер“ на Скопскиот аеродром  од следната година ќе има постојана флота со шест авиони и оти прави замена на постојните „Ербас А320“ со „Ербас А321 нео“. Бројот на  200-те вработени од држвава во авиокомпанијата се планира да се зголеми за 100. 

Како што посочи Николоски, авиокомпанијата ќе го зголеми капацитетот за патници за околу 50 проценти од следната година и ќе понуди 3.300.000 седишта за Македонија. 

„Имаме навистина убава оперативна платформа во земјата, шест летала до крајот на годината, рути од Скопје и Охрид и над 200 вработени во земјата, а сето тоа доаѓа до 3,3 милиони седишта што ќе бидат достапни во 2026 година што е голем скок во однос на 2012 година“, рече Варади.

Како што информира Николоски, субвенциите за авиокомпанијата ќе изнесуваат по девет евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром и 12 евра на Охридскиот аеродром.