Вирусот се врати со целата сила во Скопје
Ден по ден, Скопје повторно станува вистински епицентар на епидемијата со корона вирусот. И досега, поради тоа што има најмалку 600.000 жители, главниот град речиси секојдневно имаше најголем број нови инфекции (и најголем број оздравени), но тоа беше во некои скромни по проценти рамки во однос на тестираните. Сега тие бројки стануваат загрижувачки.
Еве податоци за Скопје од три датуми објавени од Институтот за јавно здравје од последниве десет дена:
На 23 септември имало 58 новозаболени и 37 оздравени. Бројот на активни случаи бил 625.
На 29 септември имало 77 новозаболени и 33 оздравени. Бројот на активни случаи бил 727.
Според денешниот извештај, од 3 октомври, бројот на новозаболени е 98, оздравени се 39. Бројот на активни случаи е 891.
Тоа значи дека инциденцата на ширењето на вирусот се зголемува со голема брзина. Тоа може да се забележи и по податоците за бројот на активните случаи во општините. Денеска пет општини имаат над сто активни случаи: Аеродром со 144, Центар – 142, Карпош – 129, Кисела Вода – 104 и Гази Баба – 102. Општината Чаир, која долго време беше со најголем број заболени, веќе петнаесетина дена има скромна бројка на активни случаи – денеска 65. Сите други општини во рамките на Градот Скопје и во неговата околина се со уште помали бројки.
Овие податоци укажуваат дека вирусот има најдобра почва за ширење во неговите најурбанизирани средини. Ако за Аеродром може да има некое објаснување поради големиот број жители, тогаш податоците на Центар, која има далеку помало население, укажуваат дека за брзото ширење има други причини.
И бројот на хоспитализациите се зголемува секој ден – денеска во болниците низ државата има вкупно 364 пациенти кои се болни или суспектни на вирусот. Особено загрижува што во инфективните одделенија во осум градови (без Скопје, Битола и Штип) има хоспитализирани 187 пациенти, а до пред десетина дена таа бројка горе-долу се движеше меѓу 110 и 115 лица.
Министерот за здравство, Венко Филипче, и Комисијата за заразни болести одржуваат итни состаноци на кои го разгледуваат новиот развој на ситуација и очигледно е дека треба да се носат итни мерки за да не биде предоцна.
Во некои од европските престолнини веќе се воведени нови карантински мерки (иако не како оние што беа пролетоска), како во Мадрид; Париз е пред одлука од понеделник да ги затвори баровите и рестораните од понеделник (денеска Франција забележа рекордни 16.972 нови инфекции). Ситуацијата се влошува насекаде, така и во Македонија, а изгледа дека допрва ќе дојдат уште потешки денови. На тоа ѝ погодува и сериозната опуштеност не само на граѓаните, а и она што се случува по баровите и рестораните. На моменти изгледа дека како да нема епидемија. Затоа здравствените власти мора да преземат брзи мерки за да не биде предоцна. (Н.В.)