(Видео) За еден ден ерупција на три вулкани во Индонезија


Вулканите Мерапи, Левотоби и Марапи во Индонезија денеска еруптираа, а повредени нема.

Вулканот Мерапи на островот Јава во Индонезија денеска еруптираше исфрлајќи облаци гас, пепел и лава, а нема повредени, а денеска и вулканот Левотоби во таа земја исфрли гасни облаци во воздухот. Регистрирана е и ерупцијата на вулканот Марапи во провинцијата Западна Суматра.

Мерапи исфрли лава до два километри, изјави шефот на индонезискиот геолошки центар Агус Буди Сантосо, додавајќи дека вулканската пепел прекрила неколку села, но никој не е повреден.

Мерапи е најактивниот од повеќе од 120 вулкани околу Индонезија.

Властите го подигнаа нивото на тревога за вулканот Мерапи на второ ниво во ноември 2020 година.

На жителите кои живеат на падините на планината каде што се наоѓа вулканот им е препорачано да останат на растојание од седум километри од устието на кратерот.

Околу 250.000 луѓе живеат на 10 километри од вулканот Мерапи.

Вулканот Левотоби во провинцијата Источна Нуса Тенгара денеска исфрли облаци од гас до 700 метри во воздухот.

Повеќе од 6.500 луѓе од таа област веќе се евакуирани претходно.

Вулканот Марапи (кој е различен од Мерапи) во провинцијата Западна Суматра денеска повторно еруптираше, што беше трета најголема ерупција овој месец, но без испуштање лава.

Околу 500 жители кои живеат во близина на вулканот се евакуирани.

Во минатомесечната ерупција загинаа 23 алпинисти, а неколку беа повредени.

Вулканот Семеру во провинцијата Источна Јава во саботата исфрли врели облаци од гас и лава, а вулканот Ибу на островот Халмахера во провинцијата Северен Малуку исфрли колона од пепел висока до 1.300 метри.