Кој е атентаторот од Словачка? 71-годишeн писател кој зборува за насилството и за мигрантите

Основач е на литературниот клуб Духа и член на Друштвото на словачките писатели


Словачките медиуми јавуваат дека напаѓачот на премиерот на земјата Роберт Фицо е 71-годишниот писател Јурај Цинтула. Во објавувањето на оваа информација Деник Постој се повикува на извори во полицијата.

Јурај Цинтула е 71-годишен писател, основач на литературниот клуб Духа и член на Друштвото на словачки писатели. Напишал три збирки поезија. Медиумите објавија дека тој го чекал Фицо кај оградата, а пред да почне да пука, извикал „Робо!“, што е прекарот на словачкиот премиер.

„Светот е полн со насилство“
„Светот е полн со насилство и оружје. Изгледа луѓето полудеа“, вели Цинтула во видеото објавено пред осум години.

„Мигрантите се собираат во Европа, насекаде има омраза и екстремизам, но најлошото е што владите на европските земји немаат алтернатива за овој хаос“, додава тој во видеото.

На социјалните мрежи пак попладнево, е објавено видео на кое се гледа наводниот атентатор и на кое тој зборува за причините поради кои се обидел да го убие словачкиот премиер Роберт Фиц.

„Не се согласувам со политиката на владата“, наводно вели атентаторот на видеото. Гласот од другата страна на камерата го прашува: „И затоа реши да преземеш акција?“

Мажот бил уапсен од полицијата веднаш по нападот. Тој моментално е во притвор, а случајот го презеде Националната агенција за криминал на Словачка.

Aktualiti.sk контактирал со синот на осомничениот атентатор, кој бил шокиран од ситуацијата. Тој потврдил дека татко му имал пиштол кој легално го поседувал.

„Апсолутно немам поим што имал намера татко ми, што планирал, зошто се случи ова“, рече тој.

Запрашан дали негувал омраза кон Фицо, тој одговори: „Ќе ви го кажам ова – тој не гласаше за него. Тоа е сè што можам да кажам за тоа“.

Човекот негирал дека неговиот татко некогаш отворено споменал напад или убиство на политичарот. Тој, исто така, негирал дека неговиот татко бил психијатриски пациент.

„Можеби имал „краток спој“, не знам. Тој е понасилен човек, но не до степен да стане психијатриски случај или нешто слично“.

Осомничениот, како што додава словачкиот портал, бил уметнички активен. Објавил неколку збирки поезија.

Јурај Ц. во 2016 година работел во приватна служба за обезбедување. Потоа и самиот станал жртва на напад во трговски центар во Левице. Во раните вечерни часови во продавницата влегол млад човек, очигледно под дејство на опојни материи и го нападнал.