Морбиден профит: Агенцијата „Монад Плуг“ заработила милиони од злоупотреба на доктори и јавни личности


Агенцијата за рекламирање и монетизација  „Монад Плуг“, која објави морбиден пост за лажна смрт на аналитичарот Петар Арсовски лани остварила приход од речиси два ипол милиони евра и тој драматично се зголемувал секоја година. Иако еднаш веќе осуден за вакви злоупотреби на јавни личности, а пред се доктори, Дејан Јовановски не застанал, а бројките на неговите приходи покажуваат и зошто. Имено, казната изнесувала неколку илјади евра, а тој  со вакви мизерни објави за разни квази лекови и чаеви заработува милиони.   

Мисториозната смрт на Петар Арсовски не принуди да ја откриеме вистината! Што ги натера да го сокријат тоа од нас?, гласи натписот на Фејсбук страницата Pin-Up Aviator, објавувајќи наводен текст со наслов на некој портал „Прочитајте ја вистината“.

Дел од граѓаните коментираат дека е лажна вест, додека други му посакуваат да се „одмори“ и да почива во мир.

Оваа лажна вест повеќе не е достапна на Фејсбук страницата која нема никакви објави и на привремениот лажен сајт.

Меѓутоа, пред да ја снема објавата од Фејсбук страницата и на „сајтот“, Слободен печат, направи истражување и објави текст кој е насловен: „Морбиден профит: Аналитичарот Петар Арсовски и доктор Драган Даниловски најнови жртви на измамниците што со лажни интервјуа продаваат чај“.

Истражувањето на Слободен печат покажува дека се работи за измамнички маркетинг на компанијата „Монад Плуг“ која се наоѓа на улица „Козара“ број 41.