(Видео) Во Ватикан направија 3Д реплика на базиликата Св. Петар, користени дронови и вештачка интелигенција
Ватикан лансираше нови услуги со помош на вештачка интелигенција за базиликата Свети Петар, обезбедувајќи виртуелен пристап до нејзините архитектонски богатства од ренесансната ера.
Новите искуства беа претставени вчера, навреме за прославата на Светата година, односно јубилејот на Католичката црква во 2025 година, кој се слави секој четврт век.
„Свети Петар е како ѕвезденото небо во летна ноќ: маѓепсани сте од неговата сјајност“, рече кардиналот Мауро Гамбети, истакнувајќи дека новите алатки ќе се однесуваат како телескоп или вселенски брод.
Во соработка со технолошката компанија Мајкрософт и Иконем, компанија специјализирана за дигитализација на значајни историски локации, Ватикан лансираше нова интерактивна веб-страница, дигитална реплика на базиликата и две изложби создадени од вештачка интелигенција.
Базиликата дневно ја посетуваат од 40.000 до 50.000 луѓе.
3Д моделот на базиликата е создаден со скенирање со помош на дронови, камери и ласери. Алгоритмите за вештачка интелигенција ги собраа, елаборираа и финализираа податоците.
Беспилотните летала снимаа ноќе четири недели, правејќи над 400.000 фотографии и собирајќи податоци еквивалентни на ДВД полица висока шест километри.
„Ние го носиме Свети Петар не само на светот, туку и на новата генерација на луѓе, на јазик кој е попристапен за времето во кое живееме“, изјави за новинарите претседателот на Мајкрософт, Бред Смит.
Папата Франциско призна дека вештачката интелигенција може да го прошири пристапот до знаењето, но постојано предупреди дека тоа мора да се користи исклучиво на етички начин, за доброто на човештвото.
„Коректната и конструктивна употреба на потенцијалот (вештачката интелигенција), која е корисна, но може да биде амбивалентна, зависи од нас“, рече Папата Франциско во понеделникот кога му беше претставен проектот.