(Видео) Кина започнува со тестирање на најнапредниот носач на авиони


Кина денеска започна со морски испитувања на својот трет и најнапреден носач на авиони „Фуџијан“, објавија државните медиуми. Почетокот на тестирањето доаѓа речиси две години откако носачот на авиони беше првпат претставен во јуни 2022 година.

Фуџијан, кој е целосно дизајниран и изграден дома, е поголем и понапреден од Шандонг, лансиран кон крајот на 2019 година и Лиаонинг, кој Кина го купи половно од Украина во 1998 година.

Дел од стратегијата на кинескиот претседател е и развојот на Фуџијан
Развојот на Фуџијан е дел од стратегијата на кинескиот претседател Кси Џинпинг да ја направи Кина истакната воена сила во регионот, со морнарица способна да проектира моќ далеку од бреговите на Кина.

Фуџијан, кој има напреден млазен систем, го носи името на кинеската провинција спроти Тајван. Беше стациониран во бродоградилиштето Џиангнан во Шангај, каде што беше подложен на тестови. CCTV објави дека бродот Fujian испловил нешто по 8 часот денеска.

Морските испитувања се последниот чекор пред кинеската морнарица да почне да го користи носачот на авиони. Овој процес се очекува да трае до една година. Шандонг помина девет морски испитувања пред да биде пуштен во употреба.