(Видео) Гори трговски центар во близина на Москва: „Мислиме дека пожарот е подметнат“


Најмалку едно лице загина како последица на голем пожар во хипермаркетот ОБИ, кој се наоѓа во трговскиот центар Мега Химки во Московската област.

Според последните податоци, пожарот, кој зафати површина од 18 илјади метри квадратни метри, локализиран е на седум илјади квадратни метри, јави руската агенција ТАСС, дополнувајќи дека е планирано во гаснењето на пожарот да биде вклучена и авијацијата.

Руските служби за итни случаи се сомневаат дека „криминален чин“ е причина за големиот пожар што во ноќеска избувна во трговски центар во предградие на Москва, пренесоа руските агенции.

„Пожарникарите гаснат пожар на површина од 7.000 метри квадратни во околината на Москва“, објави на Твитер рускиот министер за вонредни ситуации.

Пожарот избувна во трговскиот центар „Мега Химки“, во предградието на Химки, северно од главниот град на Русија.

Руските служби за итни случаи се сомневаат дека пожарот е подметнат, објавија набргу руските новински агенции, повикувајќи се на извори од службата за итни случаи.

„Сметаме дека ова беше планирано, дека пожарот е подметнат“, објави новинската агенција Интерфакс, цитирајќи неименуван извор.

Агенцијата Спутник додава дека кривичното дело е „меѓу главните можни причинители“ за пожарот.

Видеата објавени на социјалните мрежи го покажуваат пожарот додека луѓето бегаат од зградата кон паркингот.

„Мега“ беше дом на голем број западни трговски синџири пред заминувањето на компаниите од Русија по почетокот на конфликтот во Украина, вклучително и една од првите продавници на ИКЕА во московскиот регион.