Вицепремиерот Арбен Фетаи конечно поднесе оставка. Заминувал со „чиста совест“
Фетаи не доаѓаше на работа неколку месеци. Мицкоски во април изјави дека Фетаи му рекол дека тој „повеќе не се гледа во овој состав на владата кој јас го предводам“
Неколку месеци не доаѓаше на работа, Владата криеше дали тој и натаму зема плата откако ја напушти Македонија и се сликаше во егзотични дестинации, а вицепремиерот најпосле сам реши да му ги скрати маките на премиерот.
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, официјално поднесе оставка од својата функција во кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. За оваа одлука денес самиот објави на социјалните мрежи. Тој рече дека одлуката била донесена внимателно и со убедување дека тоа е најправилен и најдостоинствен чекор.
„Денес му ја доставив на премиерот мојата оставка од функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење. Во изминатите две години имав чест и привилегија да ѝ служам на државата, придонесувајќи за реформи што имаат за цел зајакнување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото — мисија која е исто толку важна, колку што е и неблагодарна. Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но дали работев со максимална посветеност за да поставам здрави темели врз кои може понатаму да се гради? Без никаква дилема, да – наведе Фетаи.
Тој додава дека заминува „со крената глава и со чиста совест“.
„Им благодарам на сите што ми укажаа доверба, ме поддржаа и соработуваа со мене. Посебна благодарност до мојот тим, меѓународните партнери, граѓанското општество и граѓаните кои ми беа поддршка и мотивација на секој чекор. Службата на јавниот интерес не завршува со функцијата. Напротив, таа продолжува секаде каде што има потреба од интегритет, храброст и слободни гласови во одбрана на заедничкото добро“, напиша Фетаи.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, изјави дека оставката на Фетаи ќе биде констатирана на првата следна владина седница.
И денес не се знае дали Фетаи е во Македонија. Досега немаше да одговори каде се наоѓа Фета, дали е во Брисел, од каде што дојде да биде член на владата. Никој од владата до денеска не одговори дали сѐ уште зема плата иако неколку месеци не доаѓа на работа. Премиерот Христијан Мицкоски молчеше, а исто така и неодамна потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, кога беше побарано од него вицепремиерот да се појави на седницата за пратенички прашања.
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, побара од Милошоски да го обезбеди присуството на Фетаи на седницата, но потпретседателот не знаеше што да одговори. Можеше да го цитира премиерот кој еднаш изјави дека Фетаи му рекол оти не се гледа како дел од владата што тој ја предводи.
Премиерот Мицкоски подолго време најавува дека ќе има рекострукција на владата во јуни. Веројатно тогаш ќе биде опфатен и вицепремирот кој самиот се откажа од владата и не доаѓаше на работа.
Неодамна „Независен“ испрати прашање до портапролката на Владата Марија Митева, дали Фетаи сѐ уште е на платниот список на Владата. И ако прима паричен надомест како вицепремиер, а не ја работи неговата работа, до кога ќе трае тоа.
Од одговорот на прес-службата на Владата јасно беше дека вицепремиерот и натаму формално сѐ уште е член на Владата, иако фактички не е. А штом е министер нему му следува и плата.
Премиерот Христијан Мицкоски во средината на април во интервју за Сител потврди дека Фетаи фактички веќе не е дел од владата што тој ја предводи.
„Со Фетаи се видовме пред неколку недели и во разговор ми рече дека тој повеќе не се гледа во овој состав на владата кој јас го предводам“, рече премиерот.
Фетаи наводно му рекол на премиерот дека сака да се врати во Брисел, од каде што дојде на предлог на „Вреди“ да биде вицепремиер. „Јас му предложив дека би сакал да го искористиме да работи нешто за владата односно да биде наш специјален преставник во Брисел. Размислувам како да го ангажираме“, рече Мицкоски.
Дека Арбен Фетаи фактички не е дел од владата прво спомена поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, во интервју за Телма уште во март, велејќи дека си заминал во Брисел. Таа информација подоцна ја потврди и министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за „360 степени“ кога кажа дека вицепремиерот за добро владеење веќе еден месец на доаѓа на работа и не знае дали е тука или некаде отпатувал. И Арбен Фетаи и Азир Алиу беа дел од крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари кога влегоа во владата.