Велика Британија погодена од бура со снег – загинаа двајца


Во текот на бурата Арвен која вчера зафати делови од Велика Британија загинаа две лица, а бурата донесе силни ветришта, дожд и снег.

Во Антрим, загина директор на училиште, откако врз неговиот автомобил паднало дрво.

Полицијата во Кумрија соопшти дека загинал маж од Ланкастер откако врз него во петокот вечерта паднало дрво.

Дури 120 камиони заглавија во снегот

Во Шкотска повеќе од 100.000 луѓе останаа без струја, пишува Би-би-си.

Налетите на ветар достигнувале брзина од 158 км/ч, а на автопатот М62 околу 120 камиони заглавиле во снегот.

Бирото за метеорологија издаде црвено предупредување поради ветар по должина на источниот брег на Шкотска и североисточна Англија. Денеска во Велика Британија објавени се дополнителни предупредувања за ветар, снег и мраз.

„Ударите на ветар во текот на ноќта погодија голем дел од Обединетото Кралство, при што дојде до оштетување на зградите, а паѓаа и стебла“, соопштија од Бирото за метеорологија.