Вечниот Путин

Ризиците и несаканите последици од референдумот се непредвидливи. Нив може да ги искуси и Владимир Путин кој штотуку доби зелено светло од народот да го промени Уставот, смета Кристијан Трипе

 

Кога поранешниот британски премиер Дејвид Камерон најави референдум за членството на Велика Британија во ЕУ, тој тоа не мораше да го стори. Камерон не го направи тоа поради уставни потешкотии, туку поради политички притисок. Тој употреби едноставно „да“ или „не“ гласање за многу тешко прашање – и ја втурна земјата во политички хаос.

И кога рускиот претседател Владимир Путин најави дека ќе го консултира народот на референдум за радикална уставна реформа, исто така не мораше да го стори тоа. Путин исто така не делуваше поради уставно-правни потешкотии, туку бидејќи насети политички притисок. И тој постави едноставно прашање, на кое се бара одговор со „да“ или „не“ за една екстремно сложена материја. Бидејќи прашања поврзани со Устав се секогаш и првично – прашања за моќ. И тие го допираат она што во основа го држи општеството заедно.

Како на филм

Пред да му се обрати на својот народ, Путин веќе доби одговор на прашањето за моќ во речиси филмска сценaрио. Со месеци политичките советници и експерти во Москва си ја „трескаа“ главата како Путин да остане на власт и по истекот на неговиот уставно ограничен мандат. Со нови државни инструменти? Во нова унија на држави? Или со нова функција? Сценаријата циркулираа, за сценарија се шпекулираше. Тогаш Валентина Терешкова, првата жена која беше во вселената и херој на Советскиот сојуз, како пратеник на партијата на Кремљ „Единствена Русија“, се издигна над сите со предлог за уставна реформа со која на Путин ќе му се овозможат уште два мандата.

Christian Trippe Leiter Hauptabteilung Osteuropa (DW)Кристијан Трипе

Доколку тој сака. Од неодамна Путин кокетира во јавноста со идејата и вели дека под некои околности и може да си замисли да се кандидира одново. Сега се чини тие околностите се појавија. Како што сега стојат работите, три четвртини од Русите го замолија претседателот да остане на позицијата. Токму овој резултат уште пред неколку недели беше предвиден од астролозите во Кремљ. Бидејќи тоа беше и единствената цел на рефередумот: да се оркестрира плебисцитарен апел за останување на власт на Путин. Да се изгради легитимитет онаму каде во реалноста постои морален јаз.

Кремљ им помага на популистите и од левицата и десницата

„Стабилност и безбедност“ им вети Путин на Русите, доколку тие одобрат уставна промена. Краткорочно ќе ги гарантира и двете, во тоа не се сомневаат ниту неговите политички противници. Но, по која цена? Во најмала рака ова може да се процени кога ќе се земат предвид и останатите промени на Уставот, кои не се ништо повеќе од само понатамошно оддалечување од Западот и неговиот либерален систем. Така, приоритетот на руското право над меѓународните норми во иднина ќе има уставен статус, исто како и вербата во Господ и одбивањето на сите начини на живот кои не се во согласност со традиционалниот концепт на семејство.

Духот на новиот руски Устав очигледно ќе го почувствуваат и другите. Поддржан од исходот на ова гласање, Кремљ ќе се охрабри уште повеќе да продолжи да го пропагира својот модел на управување. Низ цела Европа, популистите и од левиот и од десниот политички спектар може да очекуваат засилена промоција на автократијата на Москва. Но, на земјите кои добија независност од Советскиот сојуз пред 30 години, уставните измени им се причина за нова главоболка – таа пропагира „исторска вистина“ која се заснова на стариот советско–империјален историски концепт.

Нервозата во Москва, короната и економијата

Со изменетиот устав Русија настапува јасно, бидејќи концептот на новиот текст го рефлектира токму она што ја карактеризира руската политика во изминатите 20 години. Путин ја консолидира својата моќ и го зајакнува авторитарниот систем кој му беше направен по мерка. Досега, се’ е таман за оние кои го поддржуваат овој систем и профитираат од него. Па сепак, во Москва деновиве се забележува одредена доза на тензија.

Кремљ употреби сѐ за да го достигне посакуваниот резултат на референдумот. Но, што ако ова очигледно вијание, заедно со сите организациски недоследности, го постигне сосема спротивниот ефект? Што ако претседателот не добие поттик и нова сила, или ако резултатите од референдумот не се земат сериозно предвид? Што ако станат причина за политички отпор? Популарноста на Путин опаѓа со месеци. Руската економија се бори со рецесија. Во Русија коронавирусот има исто така огромно влијание врз бизнисите.

Ажурирање на Уставот, ресетирање на мандатот

Кога Дејвид Камерон сфати дека се коцкал и загуби на референдумот за Брегзит, тој си даде оставка. Тој застана пред камерите, си ја најави оставката, го призна поразот, се заврте и си замина, весело потпевнувајќи.

Но, ако референдумот во Русија не ја достигне политичката цел, Владимир Путин сигурно нема да си замине во претседателска пензија. Рускиот политички систем не дава ваква опција. Наместо тоа, со ажурираниот устав Путин сега може да владее уште 16 години. Според мене, сигурно ќе го стори тоа – без оглед на сите политички последици.(Дојче Веле)